Затворениците на Голи Оток морале меѓусебно да се превоспитуваат со ќотек до смрт

1145

Пеколот на земјата, како што го нарекле Голи Оток луѓето што престојувале таму, овој месец одбележа 75 години од доаѓањето на првите „станари“. Хрватските власти со комеморација им оддадоа почит на затворениците на концентрациониот логор и затвор, кои речиси 40 години опстојувале на ова островче што се наоѓа во каналот Велебит. Отворен е во 1949 година, а затворен во 1988 година.

Логорот, кој како што пишува Индекс.хр., до денес останува едно од најтемните места во минатото на Хрватска. Отворен е по налог на раководството на Комунистичката партија и државата, како дел од големата чистка во редовите на Комунистичката партија на Југославија. Подоцна таму биле затворани и лица што извршиле кривични дела, други политички затвореници, а понекогаш и малолетни деликвенти. Тој остров е избран поради својата ненаселеност и невозможноста да се избега од него. Денеска може да се прошета низ неговите урнатини, но она што останало таму е само за луѓе со јак желудник.

Голи Оток бил познат по строгите казни и тешката принудна работа. Според некои процени, низ него поминале меѓу 17 и 32 илјади затвореници, а точниот број на луѓе што загинале таму не е утврден. На Голи Оток бил кампот за мажи, додека оној за жени бил на Свети Гргур. „Нешнл џеографикс“ го нарече Голи оток „хрватски Алкатраз“.

– Оние што поминаа дел од својот живот на Голи оток, го опишуваат како пекол на земјата, а тоа е очигледно и денес – пишува Холанѓанецот Боб Тисен во извештајот за НГ.

Според списанието, како што пренесува Индекс.хр, низ затворот на Голи Оток поминале речиси 50.000 луѓе, а многу затвореници умреле од тешката тортура, бидејќи имале задача меѓусебно да се превоспитуваат со ќотек.

– По превоспитувањето, затворениците ги тепале и ги мачеле новите затвореници што пристигнувале во затворот, сè додека не бил затворен – објаснил холандски фотограф во извештајот во 2017 година.

Поранешните затвореници го опишуваат местото како жив пекол.

– Во овој затвор имаше и луѓе што не беа виновни за ништо. Ќелиите беа мали и темни, а условите неподносливи. Ве тера да се прашате како се чувствувале тие луѓе на тоа место. Тешко е да се каже колку ќелии има, бидејќи некои згради се целосно уништени.

Можете само да замислите што се случувало таму. Дури и кога само шетате наоколу, без никакви информации за тоа што се случувало таму, атмосферата е морничава. Може да ја заборавите вегетацијата на овој остров, таму нема ништо. Така го добил своето име. Тоа е буквално гол остров без никаква вегетација – пишува НГ.