Затвореници во Хрватска прават мед кој освојува бројни награди: Почетокот скромен, денеска имаат повеќе од 100 пчелни кошници

Медот првенствено се произведува за храна на затворениците, а помал дел се пушта во промет.

61

Еден затвор во Хрватска пред 10 години започна програма за работа и едукација која им помага на осудените на многу начини и ги учи да се занимаваат со пчеларство.

Досега повеќе од 30 ја имаат завршено оваа програма.

Затворот освои златна диплома за мед од багрем и сребрена диплома за костен мед на 16-тата органолептичка евалуација на медот, на која учествуваа 236 пчелари од Хрватска, Србија, БиХ и Македонија, објави 24сата.хр.

Според надлежните, успехот е резултат на долгогодишна работа, бидејќи затворот 15 години го развива пчеларството. Се започна со само неколку кошници со пчели, но денес ги има повеќе од 100.

Пчеларството игра клучна улога во ресоцијализацијата на затворениците кои учествуваат во оваа затворска програма, подготвувајќи ги за нивно враќање во општеството и овозможувајќи им можност за идно вработување.

Медот првенствено се произведува за храна на затворениците, а помал дел се пушта во промет. Годишно се произведуваат меѓу 1,5 и 3 тони мед, а во идеални временски услови би можеле да се произведат повеќе од 4 тони.

Медот од затворот во Лепоглава досега има освоено сребрени и златни дипломи на повеќе меѓународни оценувања, а последните дипломи од Вуковар претставуваат продолжение на одличните резултати.

Покрај зајакнувањето на вештините, по ослободувањето, учесниците во програмата можат да започнат сопствена кариера во пчеларството и производството на мед.