Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, на денешната прес- конференција информира дека во анализите што ги направиле, кај маркетите биле увидени маржи од пет до 20 отсто за најобртните производи и над 30 проценти, кај помалку обртните и непрехранбените производи: за лична хигиена, хемиски средства, бебешка храна, пелени,…, додека кај увозниците се увидени бруто-профитни маржи – увоз до фактура кон маркет 30 до над 50 отсто. Тој потенцира дека освен клуч на врата, затворените правни субјекти ќе бидат и парично казнети 

 

Осум правни субјекти, од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите. Кај овие правни субјекти контролите на Државниот инспекторат за труд (ДПИ), утврдиле маржи до 70 отсто, што значително ги надминува утврдените ограничувања.

Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, на денешната прес-конференција информира дека во анализите што ги направиле, кај маркетите биле увидени маржи од пет до 20 отсто за најобртните производи и над 30 проценти кај помалку обртните и непрехранбените производи: за лична хигиена, хемиски средства, бебешка храна, пелени,…, додека кај увозниците се увидени бруто-профитни маржи – увоз до фактура кон маркет 30 до над 50 отсто.

Тој потенцира дека освен клуч на врата, затворените правни субјекти ќе бидат и парично казнети.

– Од 24 февруари до 6 март се извршени 365 надзори во трговијата на мало и 64 во трговијата на големо со што се опфатени над илјада малопродажни и големопродажни места. Притоа се констатирани вкупно 36 неправилности и се издадени прекршочни платни налози од 42.000 евра – рече Стојкоски и дополни дека се работи на уште 30 предмети во кои се опфатени сите големи маркети. Инспекторите се постојано на терен, контроли спроведуваме континуирано и така ќе продолжиме – информира директорот на прес-конференција.

Сепак, неговата генерална оценка е дека мерките на Владата се почитуваат и на маркетите им порача цените објавени на интернет да бидат исти со оние на рафтот што е обврска која произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачите, а важи за сите мали, средни и големи правни субјекти кои вршат трговија на мало.

– Цените на производите што маркетите ќе ги објавуваат на своите интернет страници, мора да бидат исти со оние на рафтовите и на дневна основа да ги ажурираат. Контролата дали го почитуваат законското решение ќе ја спроведува посебен инспекциски тим на ДПИ, а казните се од 500 до 10.000 евра – рече Стојкоски.

Со цел да има подобар преглед на целата ситуација, тој најави дека планира да има посебен центар за анализа – инспектори за анализа кои ќе излезат подготвени на терен и ќе вршат мониторинг.

– Нам тоа ни е работа и ние сме тука за граѓаните, потрошувачите – истакна Стојкоски, потсетувајќи ги граѓаните да пријавуваат ако забележат неправилности на телефонскиот број 191 или на веб-страницата на ДПИ.

На прашањето што по 30 април кога завршуваат владините мерки за маржите, Стојкоски, одговори дека состојбите се следат, особено случувањата на берзите.

– Факт е дека овие мерки се краткорочно решение и за тоа сме сите свесни. Од 1 мај ќе се разгледаат актуелните случувања, состојбите на берзите. Берзанската цена на кафето, на пример, овие денови се покачува за 100 до 300 отсто. Се следат состојбите. Моја надлежност и цел е да дадам анализа до Владата или Министерството за економија кое потоа е одговорно за следните чекори – нагласи директорот на Инспекторатот.

Трошоците на живот во февруари зголемени за 5%, а цените на мало за 4,2%

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари во однос на јануари годинава, изнесува 0,5 проценти. Индексот на трошоците на животот во февруари 2025 година, во однос на февруари 2024 година, бележи зголемување од 5 проценти, а индексот на цените на мало зголемување од 4,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Според ДЗС, зголемувањето на инфлацијата во февруари во однос на јануари годинава е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во групите: Храна и безалкохолни пијалаци за 1,4 проценти, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,8 проценти, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата и Ресторани и хотели за 0,6 проценти, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,5 проценти, Здравје за 0,2 проценти и Комуникации за 0,1 процент.

Во февруари 2025 година, во однос на јануари 2025 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: Транспорт за 3 проценти, Облека и обувки за 0,3 проценти, Рекреација и култура и Разновидни стоки и услуги за 0,2 проценти. Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во февруари во однос на јануари годинава се намалени за 0,6 проценти.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ