Кумановскиот Основен суд осуди 60-годишен државјанин на Бугарија и Србија, Предраг Миленков, на казна затвор од четири години и десет месеци за измама. По издржување на казната ќе биде протеран од државава.
Тој е обвинет дека во јануари годинава со други непознати лица измамил 66-годишна кумановка за 30.000 евра. Тие ја довеле во заблуда кумановката и ѝ побарале пари за да ја ослободат од затвор ќерка ѝ за наводна сообраќајна несреќа.
Судијата Саша Ѓорѓевиќ од Основниот суд Куманово ја изрече пресудата против Миленков од Софија и го прогласи за виновен за кривичното дело-измама. Тој рече оваа појава е многу зачестена во земјава.
„Не е само за противправно одземениот имот во висок износ, туку се работи и за сериозно нарушување на приватноста, емоциите на семејството, поради што Судот смета дека обвинетиот заслужува висока казна за ова кривично дело. Максимално предвидената казна е пет години затвор, судот на обвинетиот му изрекува казна затвор во траење од четири години и десет месеци. На семејството Величковски му се досудува износ на противправно одземените предмети во вкупен износ од околу 30.000 евра, а за траумите што ги претрпеле поради наводната лоша вест и болката што ја преживеале ќе бидат упатени на граѓанска постапка“, рече судијата Ѓорѓевиќ.
Обвинетиот има право на жалба во рок од 8 дена.