По барање на Основното јавно обвинителство за координиран надзор, екипи од секторот Инспекторат од Општина Карпош спроведоа акција во населбата Злокуќани. Комуналните редари, во придружба на раководителот на Секторот, општинските инспектори за животна средина, комуналниот и градежниот инспектор, излегоа на терен и ги мапираа хаварисаните возила, на кои поставија налепница со известување. Така беа директно предупредени сопствениците дека мораат да ги отстранат своите хаварисани возила во рок од 10 дена.
Притоа, инспекцискиот тим од Карпош изврши надзор и над автомеханичарски работилници и на диви отпади, каде што беше затечени градежен шут и друг отпад на јавна површина. Во текот на вршењето надзор, беа присутни и служби од Општина Карпош, кои го расчистуваа отпадот од јавните површини по должина на улицата „Скупи“ и во внатрешниот дел на урбаната заедница Злокуќани.
– Како дел од логистичката поддршка на оваа акција, беа инволвирани и униформирани полициски службеници од полициската станица Карпош. Во рамките на надзорот, беа составени прекршочни платни налози на физички лица, поради постапување спротивно на Законот за јавна чистота. Оттука, ќе биде поведена и инспекциска постапка за правните субјекти од страна на соодветните инспектори – информираа од Општина Карпош.