
Врховниот суд на Русија денеска ги отстрани авганистанските Талибанци од списокот на терористички организации, на кои тие беа од 2003 година.
Талибанците ова го сметаат за дипломатска победа.
Според руските закони, додека талибанците беа окарактеризирани како терористи, секој што ќе дојде во контакт со нив ќе биде кривично гонет.
Сепак, и покрај нивните терористички квалификации, талибанските делегации присуствуваа на различни форуми организирани од Русија, бидејќи Москва се обидуваше да се позиционира како регионален посредник во решавањето на кризата во Авганистан.
Одлуката на судот на барање на Јавното обвинителство уследи по минатогодишното усвојување на закон со кој се предвидува дека официјалното означување на талибанците како терористичка организација судот може да го суспендира.
Поранешниот Советски Сојуз водеше десетгодишна војна во Авганистан, а тој конфликт заврши со повлекувањето на Црвената армија во 1989 година.
Руските власти неодамна ја нагласија потребата од соработка со талибанците за стабилизирање на Авганистан.
Талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, а трупите на САД и НАТО се повлекоа во тоа време.
Талибанците ветија поумерени политики од оние од нивното прво владеење од 1996 до 2001 година, но тие продолжија со дискриминацијата на жените веднаш по преземањето на власта.
На жените им е забрането на повеќето јавни места, вклучувајќи паркови, јавни бањи и спортски сали, додека на девојчињата им е забрането образование по шесто одделение.
Ваквите политики го изолираа Авганистан на светската сцена, иако нивната влада воспостави дипломатски врски со некои земји, вклучувајќи ги Кина и Обединетите Арапски Емирати.
Обединетите нации годинава повторно ги повикаа талибанците да престанат со дискриминацијата на населението.