Во Гевгелија започна изградбата на новата атлетска патека. Патеката е со должина од 320 метри изградена по високи стандарди, ќе има ширина од пет метри и ќе се трча на четири ленти.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, кој заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, го означија почетокот на градежните активности, истакна дека изградбата на современи спортски објекти е од клучно значење за развојот на спортот и за поддршка на младите таленти.
– Изградбата на атлетската патека во Гевгелија е уште еден проект со кој покажуваме дека Министерството за спорт стои зад спортот и спортската инфраструктура. Нашата ситуација во спортот е таква да мораме да почнуваме од нула, прво да направиме една здрава спортска инфраструктура, да ги обновиме сите оние заборавени спортски објекти во Македонија, да финансираме вистински спорт и дури потоа да бараме резултати – изјави Ристовски.
Тој нагласи дека атлетската патека покрај професионалните спортисти ќе можат да ја користат и рекреативците и сите граѓани на Гевгелија. Сарамандов додаде дека Гевгелија првпат ќе добие ваква спортска инфраструктура, која како што потенцираше е иницијатива на атлетскиот клуб „7 Ноември“.
Проектот е вреден осум милиони денари, а се очекува да биде завршен до крајот на годината.