Државниот инспекторат за земјоделство го означи почетокот на вештачкото мрестење на охридската пастрмка.
Заловени се 63 полово зрели единки, од кои се измолзени, оплодени и инкубирани 70 илјади полово зрели зрна икри. Заловените полово зрели единки ендемски вид охридска пастрмка, по измолзувањето, се вратени во Охридското Езеро.
Активностите, како што посочуваат од Инспекторатот, се реализирани во соработка со Хидробиолошкиот завод од Охрид, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од ДИЗ информираат дека нивните инспектори и понатаму ќе ги следат и ќе ги поддржуваат процесите за подобрување на состојбата со рибниот фонд, особено со ендемските видови каква што е охридската пастрмка.