Со поставување привремен режим на сообраќај и работни активности на улицата „11 Март“, Општина Битола започна со реализација на проектот за реконструкција на четири улици кај Здравствениот дом.
Со овај проект се опфаќа целосна реконструкција на улиците: „Панде Николов“, „11 Март“, „Козара“, кракот од ул. „Козара’ и ул. „Чеде Филиповски“, кои се наоѓаат во централното градското подрачје опфатено со деталниот урбанистички план – „ДУП Централно градско подрачје 1 дел”.
Реконструкцијата на водоводна мрежа со вкупна должина од 1.060 метри и реконструкцијата на мешовитата канализациска мрежа со вкупна должина од 1.049 метри го финансира Министерството за транспорт со над 9 милиони денари.
Реконструкцијата на постојната коловозна конструкција и тротоарите со вкупна должина од 735 метри и реконструкцијата на уличното осветлување ќе се финансираат од општинскиот буџет. Општина Битола за реконструкција на коловозот на улиците: „11 Март“, „Панде Николов“, „Козара“ и „Чеде Филиповски Даме“ склучи договор за изведба во вредност од 13.149.817 денари, додека за реконструкција на уличното осветлување склучен е договор во износ од 1.586.392 денари.