Денеска во работна посета на Гевгелија престојуваше премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, кој, заедно со министерот за локална самоуправа – Златко Перински, присуствуваше на пуштањето во употреба на еден капитален објект, патниот правец од Гевгелија до ГП Богородица, проект вреден 19 миолиони денари, средства од буџетот на Општина Гевгелија, како и започнување на реконструкцијата на спортската сала ДТВ „Партизан“, проект што ќе чини 16 милиони денари, од кои 7 милиони од буџетот на Општината, а остатокот од Министерството за локална самоуправа, поточно од Бирото за локален економски развој, еден мултифункционален објект за многу спортови.

– Целта на оваа Влада е да работи за граѓанитe, во случајот да работи за гевгеличани. Но, не само овие објекти. Очекувам во август да почне и реализацијата на оној проект за кој зборуваме цело време, а тоа е реалоцирање на средствата од централниот буџет кон општините, со специјална намена за проекти, капитални инвестиции. За овие последни четири месеци од годината, Општина Гевгелија ќе добие соодветен буџет. Веќе разговаравме со градоначалникот што ќе биде приоритет и каде ќе бидат искористени тие пари. Мислам дека ќе биде едно пријатно изненадување за гевгеличани – рече Мицкоски.

(Љ.А.)