Запленетата риба од криволовство по преглед во „Хидробиолошки завод“ се предава на „Затвор“ – Охрид

83

Одземената риба од незаконит риболов или друг прекршок во согласност со Законот за рибарство и аквакултура или друг закон, по извршен преглед во „Хидробиолошки завод “ – Охрид се предава во КПУ „Затвор“ Охрид.

-Пронајдената рибата, која дава знаци на живот, се враќа во водите на Охридското Езеро од страна на полициските службеници и референтите од Државниот инспекторат за земјоделство – информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Тој посочува дека полициските службеници во случај на незаконит риболов, во соодветна процедура ја одземаат пронајдената риба, за што се составува записник, а на лицето за кое има основи на сомневање дека е сторител на кривично дело или прекршок му се издава потврда за одземање на рибата и риболовниот алат во која детално се опишува настанот, видот и количеството на риба.

-Одземените риби, кои потекнуваат од кривично дело или прекршок со потврда за предавање на привремено одземени предмети, се предаваат на КПУ „Затвор“ Охрид. Претходно, рибите се прегледуваат од страна на стручно лице од Хидробиолошкиот институт, кој утврдува за кој вид риба се работи и во каква состојба се наоѓа – вели Димоски.

Езерската полиција има полни раце работа. Минатата година била запленета речиси двојно повеќе риба во однос на 2023 година.

-Во текот на 2024 година од страна на службениците од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и Државниот инспекторат за земјоделство Охрид, пронајдени се и одземени вкупно 4.113 парчиња риба, односно 572,55 килограми разновидна риба (не вклучувајќи ја рибата грунец и плашица во парчиња, која се пресметува во килограми). Во 2023 година се пронајдени вкупно: 2.638 парчиња риба, односно 390,98 кг разновидна риба – информира Димоски.

Тој додава дека рибократсвото е најприсутно за време на мрестот на рибата.

Охридската пастрмка (зимска форма, пештанска и струшка) се мрести од 15 октомври до 31 март, охридска пастрмка (летница) од 1 јуни до 31 август, охридска белвица од 15 октомври до 31 март, крапот од 1 април до 30 јуни, кленот од 1 мај до 31 мај.

 

ИЗДВОЕНИ