Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увиди на местата каде беа опожарени два автомобила и дуќан. Од Обвинителството велат дека се преземени сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Собрани се остатоци од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор. Како што извести Обвинителството, еден од автомобилите е на јавен обвинител.Станува збор за обвинителот Џелал Бајрами, кој во минатото беше заменик министер за труд и социјала од ДУИ. Пожарот зафатил голем дел од возилото, а пожарникарите брзо реагирале и го изгасиле огнот. Во друг пожар во Куманово изгоре дуќан на членот на Советот на Општина Куманово, Фитор Јакупи. ДУИ реагира дека пожарите се подметнати. За пожарот во кој му изгоре канцеларијата, ноќеска извести самиот Јакупи на својот профил на Фејсбук.
„Ве известувам дека денеска во раните утрински часови околу 3.05 часот од црна рака на непознати лица мојата приватна канцеларија во Куманово беше опожарена“, напиша Јакупи во својата објава.Тој повика на брза реакција од надлежните органи.
Опозициската ДУИ пожарите во Куманово ги оцени како тешки настани, дела од омраза и опасна криза.
„Тешките настани во кои неколку автомобили и една продавница на Албанци беа запалени, претставуваат горчлив доказ за духот на омраза и меѓуетнички поделби. Ова веќе не е само неодговорност или неуспех – ова е опасна криза која се влошува секој ден. Кога институциите не можат да ја гарантираат безбедноста на своите граѓани и кога молчат пред ваквите дела на омраза, пораката што се испраќа е јасна: Албанците во оваа земја се оставени на милост и немилост на судбината. Овој пристап не е само дискриминаторски, туку и длабоко дестабилизирачки за целото општество“, соопшти ДУИ и повикуваат на итна интервенција од меѓународната заедница.