Со цел да обезбеди подобра иднина за децата без родители и родителска грижа, но и за да ги поттикне граѓаните индивидуално да донираат во рамките на своите можности, „Веро“, во празничниот декември, повторно ја организира традиционалната донаторска кампања „Заокружи сметка“. Собраните средства од оваа кампања, како и во годините претходно, се наменети за дополнителна финансиска поддршка на децата од СОС Детско село.
Во оваа донаторска кампања може да се вклучи секој потрошувач што ќе пазарува во маркетите „Веро“ до крајот на месецов, односно до 31 декември. При плаќањето на каса, потрошувачите може да ја „заокружат“ сметката со дополнителен износ по свој избор и според своите можности и на тој начин да ја донираат таа дополнителна сума за децата од СОС Детско село. Со донацијата, овозможуваат секое дете да има весели празници, но и помагаат за посветла иднина на децата без родители и родителска грижа.
– Ние, во „Веро“, веруваме во моќта на давањето и во силата на заедницата. Затоа со гордост ја продолжуваме традицијата на партнерство со СОС Детско село за заеднички со потрошувачите да му помогнеме на секое дете да ја доживее магијата на празниците. Индивидуалната филантропија создава значајни промени во општеството, без оглед дали е тоа мал знак на внимание или позначаен придонес. Секоја донација е важна и директно создава среќни спомени на децата на кои им е најпотребна. Многу сме среќни што успеваме да ја направиме дарежливоста заедничка традиција со нашите потрошувачи и заедно да донесеме насмевки на детските лица – вели Петар Денковски, генерален директор на „Веро“.
Потрошувачите веќе ги заокружуваат своите сметки во „Веро“ и со тоа активно се вклучуваат во донаторската кампања.