На 83-годишна возраст, на 22 јануари, почина истакнатиот македонски сликар Коле Манев. Со неговото заминување од животната сцена, македонската култура останува посиромашна за еден голем човек и извонреден уметник.

-Тој беше вистински трагач по човечката суштина, мајстор на македонското фигуративно сликарство. Неговите дела, сведоци за длабоките страдања на Македонците, се визуелни симфонии кои ги изразуваат најдлабоките чувства и размислувања за македонскиот дух и свет, истакнуваат од Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

За Коле Манев се велеше дека е сликар на човечката болка и неспокој.

Роден е на 11 ноември 1941 година во Бапчор, Егејска Македонија. Училиште за применета уметност завршил во Скопје, а неговото уметничко патување е неразделно поврзано со трагичната историја на македонските бегалци, кои биле протерани од своите домови за време на Граѓанската војна во Грција, во 1948 година. Се образувал во Скопје и Белград, каде што завршил прв степен на Ликовна академија, а продолжил да го проширува своето знаење и во Париз и Прага, каде што присуствувал на предавања за анимиран филм. Како режисер и сценарист, Манев остави трајни белези и во филмската индустрија, со два играни филма: „Мост“ (2006) и „Еко Скоп“ (2022) и документарецот „Тулгеш“.

Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети кои висат во приватните колекции низ земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во МАНУ и на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на ДПМ.

Неговото влијание е најголемо како дел од групата македонски уметници кои оставија трајни белези во светската уметност преку многубројните самостојни и групни изложби во Македонија, Франција и цела Европа.

Член на ДЛУМ бил од 1974, во еден период и негов претседател, награден со многу награди за своето сликарство: „Нерешки мајстори“, четирикратен добитник на „Мал формат“, награда за „Цртеж“ на ДЛУМ, „Наше историско минато“, награда на ликовна манифестација во Цетиње, од Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ја добива наградата за посебни заслуги во афирмирањето на темата „бегалци“, а во 2021 Кинотеката му го додели признанието „Златен објектив“ за особен придонес во македонската кинематографија. На Денот на македонската револуционерна борба (2001), Собранието на Република Македонија му ја додели највисоката националната награда „23 Октомври“ за исклучителен придонес и презентација на уметноста и културата со многубројните изложби дома и во странство. Во 2006, Манев беше одликуван со титулата „Почесен витез на уметноста и културата“ од Француската амбасада, како признание за неговиот посветен ангажман во културната сфера. Една од неговите слики се наоѓа во Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија.

-Неговиот уметнички израз е на посебно креативно ниво, во духот на старите мајстори кои живееле само за и од уметноста. Остави непроценливо богатство кое ќе го инспирира идните генерации уметници. Во Cité des Arts во Париз, каде што имаше своја галерија, гордо беше изложена неговата фотографија, а неговото ателје во градот на уметноста е едно од големите признанија за неговиот придонес. Беше не само голем сликар, туку и борец за правата на уметниците, како претседател на ДЛУМ, и активен колумнист во медиумите, каде што често се изјаснуваше за важни општествени теми. Естетиката на неговото фигуративно сликарство ја претставуваше со голем жар и почит. Секој негов потег беше потрага по длабока и индивидуална експресија, а неговата уметност и денес продолжува да биде светилник кој ја одразува колективната свест на општеството и го поставува прашањето: „Каде одиме?“. Вечна ти светлина, маестро!, додаваат од ДЛУМ.

Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Бутел на 24 јануари, од 14:30 до 15:30 ч., а погребот ќе биде во 15:30 часот.

ИЗДВОЕНИ