Заменик-градоначалникот на Скопје, Александар Трајановски, на денешната седница на Советот на Град Скопје, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, истакнувајќи дека не се согласува со насоката во која се води градот и јавните претпријатија. Како главни причини за својата оставка, тој ги наведе: неконзистентноста во јавните политики, партизацијата на јавните претпријатија, незрелите политички пресметки и мобингот врз вработените.
– Како човек кој осум години беше дел од Советот на Град Скопје, ми беше чест да ја прифатам функцијата заменик градоначалник. Но, оваа позиција, која немаше никакви ингеренции и привилегии, ја презедов со единствена цел – да придонесам за подобрување, развој и модернизација на градот – изјави Трајановски.
Тој посочи дека во текот на својот мандат настојувал да сподели идеи и решенија за предизвиците во Скопје, но дека ниту еден негов предлог не бил прифатен.
– Со горчина и разочарување можам да кажам дека ниту еден од моите предлози не беше ниту разгледан, ниту реализиран. Ревносно се борев за усвојување на буџетите и програмите на јавните претпријатија, преговарав и дебатирав со советниците за да добијат поддршка. Но, градот денес не се води според интересите на сите граѓани, туку според интересите на мала група – нагласи тој.
Според Трајановски, Град Скопје во изминатата година со сите свои ресурси работел исклучиво на проекти во општина Сарај, додека останатите делови на градот биле запоставени.
– Јас не прифаќам да бидам заменик-градоначалник само на Сарај. Граѓаните од сите општини во Скопје заслужуваат еднаков третман – категоричен беше Трајановски, алудирајќи дека кадровските одлуки во јавните претпријатија се носат под влијание на ДУИ.
– Се обидував да посредувам, да најдам решение за конфликтите, но очигледно никој не сакаше компромис. Општина Сарај и ДУИ ја имаат формулата за соработка, која очигледно јас и никој друг ја немавме – заклучи Трајановски.
Од Град Скопје пак ја демантираа изјавата на Трајановски, потенцирајќи дека тој не може да даде оставка од местото од кое е разрешен пред три месеци.
-Лицето Александар Трајановски не ја извршува функцијата заменик-градоначалник на град Скопје повеќе од три месеци. Имено, истиот е разрешен од функцијата на 19.12.2024 година. Оттука, нејасно е од која функција си дава оставка ова лице. Трајановски е разрешен од функцијата поради нарушување на угледот на град Скопје, неизвршување на своите задачи и неисполнување на својата функција како заменик-градоначалник. Поточно, ова лице нема вкупно три активни минути на својата функција – соопштија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека единственото барање на Трајановски е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон.
-Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на градот ова лице немало во последните две години – децидни се од Град Скопје.
По однос на обвинувањата на Трајановски за некакво „влијание од ДУИ“, градските власти велат дека се лажни и несериозни.
-Кадрови решенија Град Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување, а доколку истото некогаш би се реализирало би било врз основа на распишан оглас за вработување, со единствен критериум е исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати според закон. Доколку на Трајановски ништо не му сметало во градот Скопје повеќе од три години па се до неговото разрешување во декември 2024 година, прашање е зошто би му сметало сега – соопштија градските власти, потенцирајќи дека е тажно да се гледа како млади луѓе се ставаат во функција на полтрони на владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. поред ВМРО-ДПМНЕ, Александар Трајановски од ГРОМ задоцни цели три години во процената на личноста и неделата на градоначалничката Данела Арсовска.
По повод оставката на Трајановски се огласија и од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ од каде што нагласија дека ваквиот потег, не е последица на неговиот револт од како што велат пајташите на Арсовска, туку веројатно како што велат, причина се нереализирани бизнис-интереси во морето интереси заокружени околу Данела Арсовска.
-Да потсетиме дека Трајановски беше во улога дрвен адвокат и бранител на Арсовска до последниот момент, поточно до последната седница на Советот, каде што убедуваше дека кутрата Арсовска е жртва, а не агресор и уништувач на градот Скопје. Ќе потсетиме на неговите жолчни и параноични навреди и клевети кон советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, квалификации и клевети и кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и тоа токму за работите за кои предупредувавме, а кои сега тој на говорница ги наведува како причина за неговиот раскин на соработка со Арсовска. Кога ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за хаосот што го приредуваше Арсовска, за нејзината неработа, но и тесни врски со ДУИ и Левицата, тогаш Трајановски ѝ аплаудира на Данела – констатираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека Трајановски не е никаква жртва, туку тригодишен уживател на сите придобивки што Арсовска му ги овозможи заедно со како што наведуваат пајташите од Левицата и ДУИ.
-Народот вели таквите како Трајановски го напуштаат бродот што тоне, но Александар задоцни цели три години. Сега тоа не е исправање неправда, туку тоа се вика лицемерство – оценуваат во ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната седница, градските советници по втор пат не ја изгласаа Предлог-одлука за изменување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје.
Со оваа одлука требаше да се измени возниот ред за линиите: 2, 2А, 3, 3Б, 5, 8, 17, 24, 50, 57, 18, 60, 61 и 71.
Во своето излагање од говорницата, советникот Мартин Стојановски во името на неговата советничка група истакна дека нема да ја поддржат оваа одлука бидејќи станува збор за намалување на поаѓањата на автобусите во текот на денот, на некои линии, како што кажа има 9 кратења, на некои 4, додека на линијата 57, дури 27 кратења, односно на сите линии вкупно 92 кратења.
-Ова е огромна бројка и е алармантно и е нечовечки кон граѓаните. Затоа, нема да ја поддржиме предлог-одлуката – истакна Стојановски.
Драгана Велковска од „Зелен Хуман Град“ посочи дека оваа одлука е изготвена без да се консултираат граѓаните, иако тие се најзасегнати и прибирајќи ги мислењата од нив, до ЈСП, до градоначалничката и до Секторот за сообраќај во Град Скопје изготвиле девет барања на кои сè уште не им било одговорено, а тоа се: итно да се спроведе анкета, една лента итно да се издвои за јавниот автобуски превоз и брзата помош, да се отстранат рекламите од автобусите, редовно да се чистата однатре, да бидат исправи клима-уредите и таблите со броеви на автобусите, шоферите и контролорите да се казнуваат за секое непрофесионално однесување, веб-страницата на ЈСП и информативните табли да бидат постојано ажурирани.
Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, пак истакна дека ќе ја поддржат оваа предлог одлука за да не се лажат граѓаните, односно да знаат кога точно ќе пристигне автобусот кој го чекаат.
-Не се применува одлуката, затоа е потребна измена. Треба да се поддржи изменетиот возен ред во интерес на времето и планирањето на стигнувањето од точка А до точка Б – заклучи Јанчева.
(А.П.)