Од jавното комунално претпријатие „Шар“ од Тетово информираат дека дотокот на вода од новиот водоснабдителен систем е прекинат и ќе следуваат рестрикции во водоснабдувањето. Причина е заматеноста на водата што се презема од Лешничка река.

– Поради неможноста да се пречисти водата во филтрите на филтрационата станица – Лисец, поради високата заматеност како резултат на последните врнежи, принудени сме да го прекинеме снабдувањето со вода за пиење од линијата Лешница. Екипата на претпријатието е на терен и прави сè за да се надмине оваа ситуација – информираат од ЈКП „Шар“.

Рестрикциите на вода ќе бидат на неопределено време.

Во Тетово, водоснабдувањето се врши само со планинските извори и градски бунари чиј капацитет не е доволен за оптимално водоснабдување.