Законот за нефер трговски практики официјално стартува на 1 јануари 2025 година и тој треба да ги среди односите меѓу производителите, набавувачите и трговците. Досега, во мониторинг периодот, утврдени се 26 нефер трговски практики, а според тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој Закон, изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Тој посочи дека, на подолг рок, со овој Закон ќе имаме поголемо регулирање на цените на производите како краен ефект, односно во интерес на потрошувачите, купувачите и на граѓаните, заштита на животниот стандард.
– Од друга страна, оној хаос што постоел претходно и форсирањето странски производи во однос на домашните производи, тука ќе имаме изедначување во однос и, пред сèм на маркетите. Деновиве се комплетира КЗК со петмина нови членови, кои беа изгласани во Собранието на Република Македонија. Тие ќе бидат главниот контролор на сите овие договори. Договорите завршија до 28 септември, дадовме еден мониторинг период до 1 јануари, кога ги следиме сите случувања што се случуваат, имаме различни јавувања и одредени проблеми околу повратот на стока во маркетите, некаде дури се појавуваат и двојни ценовници, имаме како информација – вели Ристески.
Тој истакна дека укажуваат, по Нова година, казнените мерки се големи и треба да внимаваат трговците и сите оние што ги склучуваат овие договори. Казните се некаде околу 20.000 евра, што не е малку, како да речеме, за нефер трговски практики, изјави Ристески.
– Јас би порачал до трговците, но и до производителите, кошничката има 1.100 производи, меѓутоа имаат време и период до крајот на неделата, доколку има неправилности, да ги исправат, да ја намалат цената на прехранбените производи, пред сè за граѓаните. Сметаме дека сè уште се општествено одговорни фирми, кои го ветија тоа пред народот, особено кај одредени производи како што се маслото за јадење, шеќерот, млечните производи како кашкавалот, сирењето, потоа месните производи, месото како јунешкото, свинското, јајцата, и да го направат тоа. Имаат време до крајот на неделата – рече Ристески.
Тој додаде дека доколку не го сторат тоа, во тој случај Владата во наредниот период ќе донесе уште подрастични мерки, а главната цел им е штитење на стандардот на граѓаните.