Ова е бруталност, ова се лаги, невистини. Од каде знаат каква ќе биде одлуката на судот Кој може да ја предвиди одлуката на судот? Уште од сега знаат каква е одлуката на судот. Што ако судот рече дека нема никаков проблем? Ќе се извинат ли тогаш за ваквите тешки лаги? – одговори на вчерашниот брифинг првиот човек на Уставниот суд на нападите од „интегративците“ Дарко Костадиновски. Тој рече дека на седницата се поканети бројни експерти, а до сега своето учество потврдил потпретседателот на Венецијанската комисија, холандски врховен судија. Поканата ја прифатил и судија на Европскиот суд за човекови права и експерт за правата на малцинства и употребата на малцинските јазици, поканети се македонски експерти како и авторите на македонскиот Устав заедно со подносителите на дванаесетте иницијативи со кои се оспори Законот. |
Политичко дивјаштво, примитивизам, бруталност, лаги и невистини се ставовите на ДУИ околу нашето одлучување за Законот за употребата на јазиците, изјави денеска Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд на Македонија. На денешниот брифинг тој го коментараше ставот на опозициските „интегративци“ кои соопштија дека оспорувањето на овој Закон е напад на темелите на соживотот и обид за оспорување на Охридскиот договор и на уставниот поредок на државата.
-Ние сме должни да одговориме на прашањата, на иницијативите. А сега да се употребат така тешки зборови, да се игра на чувствата на граѓаните, да се маниупулира е стварно… не знам како да го наречам, не како политички примитивизам туку како политичко дивјаштво. Ова е бруталност, ова се лаги, невистини. Од каде знаат каква ќе биде одлуката на судот Кој може да ја предвиди одлуката на судот? Уште од сега знаат каква е одлуката на судот. Што ако судот рече дека нема никаков проблем? Ќе се извинат ли тогаш за ваквите тешки лаги? Со индигнација ги отфрлам сите тешки лаги и кои веќе преоѓаат опасни манипулации. Ова е мој, личен став. Дали е нормално цело општество да се чува во заложништво за политички амбиции на некого? Било кој да е, било која партија да е – потенцира Костадиновски.
На брифингот тој зборуваше за одржувањето на подготвителната седница во Уставен суд околу Законот за употреба на јазиците закажана за 20-ти март. Тој рече дека се поканети бројни експерти, а до сега своето учество потврдија Мартин Кујер, потпретседател на венецијанската комисија, холандски врховен судија. Неговата улога ќе биде да ни го образложи пријателски совет кој кој нашиот Уставен суд го побара од Венецијанската комисија, покрај веќе даденото мислење на Венецијанската комисија. Поканата ја прифатил и доктор Артур Кучс, судија на Европскиот суд за човекови права и експерт за правата на малцинства и употребата на малцинските јазици. Потоа, Рената Десковска, Маргарита Цаца Николовска, Борче Давитковски, Јетон Шасивари, Гордана Лажетиќ, Мерсел Биљали, Денис Прешова, Мерсим Макути, Абдулмеџит Нуредин, Азам Којбајрам, Жаклина Доведен, Иван Џорлев, Бурим Сејдини, поканети се и авторите на македонскиот Устав, како и подносителите на дванаесетте иницијативи со кои се оспори Законот.
-Околу Законот ќе се збори само за материјалното право каде има шест спорни прашања за кои ќе се слуша мислењето на експертите. Формалниот дел од уставноста веќе е апсолвиран. Ние нема да расправаме туку само ќе поставуваме дополнителни прашања, а посебно сакаме да ни се објасни суштината на Амндманот 5 на Уставот. Судиите само ќе ги слушат мислењата на експертите и нема да се раководат со тоа какво било „мнозинско“ мислење на расправата а што би било врзано и за етничката припадност на експертите. Експертско мислење само ќе им помогне на судиите да го доизградат ставот, одговори Костадиновски на прашањето што ако има повеќе експерти од албанска етничка заедница.
Планирано е седницата да заврши до 17 часот, а за нејзиното оддржување е информирано и МВР.
– Испративме допис до МВР со кој ги информираат за одржувањето на седницата и доколку МВР смета да преземе мерки од нивна надлежност. Инаку, немаме најава за протести – рече претседателот на Судот.
Костадиновски потенцира дека ќе биде среќен доколку барем дел од граѓаните ги убедат во нивни искрени и чесни намери. Според него, владеење на правото не може да повреди ничии чуства, туку тоа е гарант за остварување на правата на сите граѓани без разлика на етничка, верска или било каква припадност.
-Јас не им се обраќам на политичарите не сакам да ги разубедувам. Ако веќе сум кажал дека имаат примитивна политичка култура, дека злоупотребуваат теми за политички поени, претпладне се со полни усти со европски вредности и владеење на правото но попладне се однесуваат, да не кажам, балкански. Не е мојата цел да ги разубедувам полиитчарите, манипулациите ќе продолжат. Но ако ги убедиме граѓаните да не бидат манипулирани тоа ќе биде добро. Во оваа држава не владее правото. Јас нема да правам компромиси со владеењето на правото. Како тоа владеењето на првото победува нечии права? Тоа е апсурд. Наша примарна задача е да го чуваме Уставот. Чувајќи го Уставот го чуваме уставниот поредок, а со тоа и правната држава- нагласи Дарко Костадиновски.
До реакцијата на претседателот на Уставниот суд доаѓа откако од редовите на ДУИ дојде серија на закани за полиитчка криза во земјава доколку случи интервенција на уставните судии во однос на законот за јазиците. Ова опозициска партија вчера соопшти дека ова „политички мотивирана интервенција за регресивен чин кој е насочен кон создавање тензии и отворање на старите рани од минатото“.
-Им упатуваме апел на сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне во патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад. Јазичната еднаквост е неприкосновено право и ќе остане такво – соопштуваат од ДУИ.
Неодамна лидерот на оваа партија Али Ахмети изјави дека Законот „не смее да се чепне“.
-Ако го допрат Законот за јазици нема да има локални избори, нема да може да се постават гласачки кутии. Законот не е на ДУИ. Законот е и на оние кои ќе се родат додека изгрее сонцето. Затоа секој Албанец мора да стане господар на правото не јазикот, ниту да го политизира ниту да го проблематизира – изјави Ахмети на партискиот собир во Липково.
Организацискиот секретар на ДУИ и пратеник, Блерим Беџети, пак, деновиве изјави дека „не може да има стабилност во државата доколку се чепне Законот за јазиците“.
– Секако дека ќе дојде до политичка криза ако се чепне во Законот за јазиците. Загриженоста околу ова многу сензитивно прашање е на највисоко ниво – рече тој. (Б.Ѓ.)