Законот за јазици адут на ДУИ пред локалните избори

Одлуката на Уставните судии се очекува пред почетокот на кампањата

161

Одлучувањето на Уставниот суд за Законот за јазиците влезе во предизборниот наратив кај албанскиот блок. Дека ќе има „жешко“ политичко лето пред локалните избори во октомври е и информацијата од Уставниот суд дека одлуката за Законот за јазиците се очекува да биде донесена пред почетокот на летните одмори. Судиите најмногу надеж полагаат на претставникот од Венецијанската комисија кој треба да ги образложи забелешките за законот и да одговори на прашањата од судиите. Според најавите Уставниот суд ќе учествува во полн состав

Во пресрет на претстојната подготвителна седница на Уставниот суд што треба да се случи на 20-ти, овој месец, а на која ќе се расправа за Законот за употреба на јазиците се очекува експертите да дадат стручно мислење. За разлика од претходната, на оваа седница се очекува да присуствуваат сите уставни судии, и Осман Кадриу и Насер Ајдари. Имено, двајцата во декември лани, не дојдоа, па во тензична атмосфера, поради протестот на ДУИ пред судската зграда, беше одлучено законот да доживее експертиза.

Законот за употреба на јазиците стана повторно актуелен викендов, кога лидерот на ДУИ Али Ахмети од Липково ги услови локалните избори со евентуалната одлука на Уставниот суд. Тој се закани, доколку се чепне Законот за јазици нема локални избори и не можат да се постават кутии за одржување на локалните избори.

Предизборниот наратив на Ахмети е во линија на проценките на судот, дека финалната одлука за Законот за јазиците би требало да се очекува пред почетокот на летните одмори. На подготвителната седница поканети да земат учество се сите подносители на инцијативите со кои се оспорува законот. Нив ги има вкупно 13, поднесени од различни граѓани, партии и здруженија кои треба да ги образложат своите наводи со кои го оспоруваат законот во целост. Повикани се околу 40-ина истакнати правници од земјата на кои веќе им се испратени седум прашања по кои треба да го дадат своето експертско толкување, а се очекува да присуствува и претставник од Венецијанската комисија, да ги образложи забелешките по законот. Судијата Осман Кадриу вели дека веќе се подготвува и очекува одговори од претставникот на венецијанска.

-Очекувам расправата да биде конструктивна, а особено ќе биде добро за некои спорни прашања мислењето на Венецијанска комисија да слушнеме како ги бранат нивните стојалишта, преку конкретни прашања од нас и затоа се поканети, изјави за весникот ВЕЧЕР, судијата Кадриу.

Судот за подготвителната седница треба да обезбеди професионалци кои ќе водат стенографски белешки кои откако ќе бидат изготвени, судијата известител Елизабета Дуковска треба да изготви нов извештај за кој треба уставните судии да расправаат и донесат дефинитивна одлука за Законот за јазиците. Судијата Кадриу полага надеж во подготвителната седница, иако иницијативата и натаму е жежок политички костен, сепак ваквиот чекор е со цел да се покаже владеењето на правото и отфрлање на наводите за политизација.

Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева-Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре привремено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во парламентот.

Расправата се одложи за неколку месеци, меѓу другото, и под притисокот на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ кои неколку дена пред судската зграда „чуваа стража“ на јазикот. Условувањето на изборите со одлуката за Законот за јазиците според коалицијата Вреди е „кукавичко јајце“, што го подметнува ДУИ заради политичко профитирање, а во недостиг на авторитет пред Албанците. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ