Уставните судии од албанската заедница ќе ја бојкотираат седницата на Уставниот суд во среда на која треба да се разгледува иницијативата со која се оспорува Законот за употреба на јазиците. Бојкот најави судијата Осман Кадриу, а кажа и дека неговиот колега, уставниот судија Насер Ајдари нема да присуствува на седницата. Двајцата беа именувани од Собранието кога ДУИ беше власт во земјва. Судијата Осман Кадриу вели дека има разумни причини да не учествува на седницата.
,,Едно од фундаменталните прашања е на дневен ред, а тоа е прашањето за Законот за јазиците, дали ова прашање и Законот за јазиците, ги регулираат прашањата за албанскиот јазик како службен јазик на државно ниво и ако се мисли како судот досега постапил, мнозинството, исто така со мнозинство гласови да одлучува за овие прашања од национален карактер, особено од албански национален карактер, тогаш не гледаме дека е разумно да одобриме одлука со мнозинство гласови – дали е одлучено за правата на Албанците во Македонија“, изјави Кадриу во интервју за Телевизија Алсат.
Од Мала Речица преку соопштение го потврдуваат бојкотот на уставните судии и апелираат до граѓаните да го спречат чинот кој ја загрозувал стабилноста на земјата.
Уставниот суд не ги коментира јавните изјави на членовите-судии кои нема да дојдат на седницата на 11-ти, на која прва точка на дневен ред е Законот за употреба на јазиците. Неодамна Претседателот на судот Дарко Костадиновски изјави дека ако има такво нешто од страна на дел од судиите кои се припадници на заедниците, постоеле механизми што ќе спречеле блокирање на работата на Судот.
,,Јас не сакам да верувам во такви сценарија, но неспорен факт е дека јас како претседател на Судот сум обврзан со Заклучок, сите девет судии да бидат присутни на седницата. Сè додека е на сила тој заклучок поради сензибилноста, важноста на предметот, поради импликации, треба да се одлучува во полн состав. Додека не се донесе нов заклучок, тој е на сила. Но, не значи дека нема да можеме да го смениме и да донесеме друг заклучок – вели Костадиновски според кој не се доведува под закана употребата на јазиците, туку само начинот, примената и како е операционализиран законот.
Претседателот не ја исклучи можноста ако судот изрази сомнеж законот да се испрати во Собранието на доработка. ,, со тоа што ќе му дадеме рок на законодавецот, не подолг од шест месеци, да се усогласи со нашите стојалишта. И таа е корисна алатка и може да се употреби – изјави Костадиновски.
Одлучувањето на Уставниот суд е жежок политички костен. ДУИ смета дека се доведува во прашање стабилноста на земјава, ама и потврдија дека и натаму функционира ,„црвената линија“ меѓу судија и политичар. Повикаа граѓаните да се стават во одбрана на законот.
,,Уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување, што го прави уште поопасно едностраното решение за укинување на одредбите од Законот за јазиците. Овој бојкот е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на „поништување“ на албанскиот јазик на институционално ниво, велат од ДУИ.
ДУИ оди подалеку во соопштението и испраќа апел до граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница веднаш да дејствуваат за да го спречат овој чин кој според нив ја загрозува стабилноста на земјата и регионот.
,, Ова не е момент за останување индиферентен. Ова е момент за избор на вистинската страна на историјата. Ќе направиме сè за да го заштитиме мирот и стабилноста, но одговорноста за последиците ќе биде на оние кои избраа да го предизвикаат и да ја загрозат иднината на земјата!-реагираат од ДУИ.
Премиерот Христијан Мицковски, без конкретен одговор што ќе биде ако Уставниот суд ја замрзне употребата на албанскиот јазик, вели дека не гледа опасност во повиците на ДУИ граѓаните да го спречат одлучувањето на судот.
,,Тоа се уставни судии избрани од владеењето на ДИУ и СДСМ, јас не ги познавам тие судии таму, напротив некои од нив сме ги напаѓале, да го почекаме 11 декември, да видиме како се ќе се развива. Не постои опасност по безбедноста по повиците од ДУИ,тоа е обид да се наруши безбедноста има некој места каде што се состануваат поедници кои што сакаат да се направат тензии, ние како држава и како Влада ќе сториме се за да гарантираме безбедност посебно сега кога сите параметри одат во позитивна насока. Ние сме свесни дека тие елементи сакаат да не влечат назад во политичкото мочуриште и во минатото, но граѓаните да бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери, ниту тие ниту Владата ќе дозволи да има безбедносни проблеми, изјави Мицковски.
Повици на смиреност дојдоа од вицепремиерот Изет Меџити. Дискусијата за Законот за употреба на јазиците според него е поради нецелосните решенија и политики кои ги воделе ДУИ.
,, Сега се соочуваат со одговорност. И пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Но, ако во државата некој нема право за ова прашање, тоа е ДУИ. Со нивните половични, нецелосни решенија дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање. Да беше ова прашање апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови, денес немаше да биде тема на дискусија. Тема е заради половичните и нецелосните решенија токму на ДУИ – рече Меџити и додеда дека ова е чувствително прашање и треба разумно да му се пристапи. ,,Ја повикувам јавноста, сите кои посакуваат добро на државата, добро на меѓуетничките односи и на стабилноста, треба разумно да пристапиме кон овој договор. Нема да навлегувам во работата на Уставниот суд. Јас само повикувам дека ова не е правно прашање, туку и политичко прашање што ја тангира и стабилноста на државата, изјави Меџити.
Законот за употреба на јазиците е оспорен пред Уставниот суд во целина и одделно од членот 1 до членот 25 од законот. Поднесени се вкупно 12 иницијативи, меѓу кои и тие од партиите ВМРО ДПМНЕ и Левица, од професори и од адвокати. Во иницијативите се оспорува постапувањето на Собранието бидејќи предлогот на законот не бил вратен на усогласување со Деловникот, законот не бил разгледан од матичните комисии, пред да се најде на пленарна седница каде пак не бил изгласан со дво третинско мнозинство од вкупниот број на пратеници. Понатаму подносителите забележуваат дека иако Претседателот на државата имал право на суспензивно вето, Указот се објавил без негов потпис што е спротивно на Уставот, уште повеќе што немал утврден рок ниту санкција доколку не го потпише Указот за прогласување на законот. Законот за употреба на јазиците се оспорува од аспект на Амандман 5 од Уставот.
Законот за јазиците пред 5 години се најде пред членовите на Венецијанската комисија од каде ги повикаа властите да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Правните експерти на Советот на Европа потенцираа дека законот значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.. Комисијата понатаму забележа дека законот за јазици нема јасност во однос на одредбите што важат само за албанскиот, а кои исто така и за другите јазици во заедницата. Венецијанската комисија даде неколку препораки до надлежните да се напуштат одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Понатаму албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмена или неговото влегување во сила да биде одложено додека не се појави соодветно спроведување на таа одредба. (П.А.)