Франција и Естонија во понеделник ќе организираат онлајн состанок на европските министри за одбрана на кој ќе разговараат за тоа како да се зголеми поддршката за Украина, пишува „Блумберг“, цитирајќи добро информирани извори.
На видео конференцијата меѓу другото ќе присуствуваат и претставници на Велика Британија, Германија, Италија и Полска, како и претставници на ЕУ и НАТО, соопштија неименувани извори.
Европските лидери се обидуваат да смислат нови одбранбени планови со оглед на можноста САД да ја прекинат својата огромна воена и финансиска поддршка за Украина.
Вашингтон, исто така, започна мировни преговори без учество на Европа или Киев, наведува американската агенција.
Состанокот на министрите за одбрана ќе се совпадне со патувањето во Киев на неколку европски лидери, меѓу кои и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по повод одбележувањето на третата годишнина од руската инвазија на Украина.
Во понеделник во Брисел ќе се сретнат и министрите за надворешни работи на ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ќе се сретнат со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон следната недела, пренесува Танјуг.