Советот на Град Скопје денеска ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. За ова на социјалните мрежи информираше претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Според него, Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалничката Данела Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на Град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена.
-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација – нагласи Славески на социјалните мрежи.
Седницата ја иницираше СДСМ, откако лидерот на партијата Венко Филипче соопшти дека побарал од советничката група на партијата да иницира итна седница на Советот на Град Скопје за кризата со јавните услуги со кои се соочува главниот град.
Ова следува откако јавниот градски превоз е редуциран, односно како автобусите ја трошат нафтата, така се враќаат во базите. Возат само оние на гас и оние на кои им останала уште некоја капка гориво.
Од Град Скопје велат дека ова е смислено сценарио некој сака да го уништи и приватизира јавниот превоз, бидејќи била поништена редовната јавна набавка на гориво.
„Нова криза која го остава ЈСП без нафта, а скопјани без јавен превоз како смислено сценарио за урнисување на претпријатието. За прв пат од постоењето на претпријатието се поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП“, велат од Град Скопје.
Град Скопје да не шири политикантство, туку да ги запази законските рамки-реагира Бирото за јавни набавки.
-Бирото за јавни набавки постапува професионално. Град Скопје навреме да реагира и да ги искористи законските рамки кои му стојат на располагање да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка, стои во соопштението од Биро за јавни набавки.
По кулминацијата на кризата, СДСМ иницира итна седница на Советот на Град Скопје. Лидерот на партијата Венко Филипче соопшти дека побарал од советничката група на партијата да иницира итна седница на Советот на Град Скопје за кризата со јавните услуги со кои се соочува главниот град.
На седницата, како што посочува тој, советничката група ќе предложи конкретни мерки, кои верува дека заеднички ќе ги поддржат сите советници за конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните. Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, Филипче најавува дека СДСМ ќе го преиспита своето учество во Советот на Град Скопје.