Заканите од интегративците блеф или вистинска намера?

105

По лидерот Али Ахмети и екс-министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кажа дека во сегашните услови не може да се одржат избори, бидејќи Албанците биле деградирани. Аналитичарите укажуваат дека таквите пораки се знак на слабост, а ако, пак, ДУИ се обиде да ги блокира гласачките места, државата мора да реагира соодветно и одлучно за да го заштити демократскиот процес. Џенур Исени за весникот ВЕЧЕР изјави дека на сета наратива на ДУИ, заклучокот е дека без разлика дали е блеф или вистинска намера, овој потег покажува слабост, а не сила. Според аналитичарот Благојче Атанасоски, додава дека како и сите партии кај нас, така и ДУИ е клиентелистичка и веројатно се плаши дека долг период во опозиција ќе направи одливање на гласачкото членство и тело.

 

 

Израз на слабост се заканите од редовите на ДУИ дека локалните избори, закажани за октомври оваа година. нема да се одржат ако „продолжи ваквата политика кон Албанците“. Ако, пак, „интегративците“ се обидат да ги блокираат гласачките места и да не дозволат изјаснувањето на граѓаните веднаш треба да реагираат државните институции за да се овозможи непречено гласање. Вакво е мислењето на политичките аналитичари околу ултимативните изјави на водачите на опозициската ДУИ во изминативе денови. Прво лидерот Али Ахмети на партискиот собир во Липково се закани дека може да нема локални избори.

-Ако го допрат Законот за јазици нема да има локални избори, нема да може да се постават гласачки кутии. Законот не е на ДУИ. Законот е и на оние кои ќе се родат додека изгрее сонцето. Затоа секој Албанец мора да стане господар на правото на јазикот, ниту да го политизира ниту да го проблематизира – изјави Ахмети.

Прексиноќа, пак, екс-министерот за надворешни работи Бујар Османи во телевизиско интервју рече дека „Албанците се деградирани и дека може да дојде до сериозна политичка криза“. Османи, во интервју за ТВ 21 нагласи дека во сегашните услови не може да се одржат избори.

-Не се работи за ДУИ. Албанците нема да го дозволат тоа. Нема да дозволите утре да дојдете на работа како ништо да не било, бидејќи тоа е морална, национална и човечка обврска кон оние што ги дадоа своите животи за овој јазик. И дали ќе се однесуваме како ништо да не се случило? Претседателот на Уставниот суд донесе одлука, утре одиме во град на кафе, па ќе одиме во кампања за општини? Затоа велам, длабока политичка криза, која не може да продолжи на ист начин без да се седне и да се разговара што да се прави со Охридскиот договор, без да се врати Балансерот, без да се врати Бадентер, легитимитетот и без да се гарантира јазик, нема да има политика како што е вообичаено – потенцира поранешниот министер Османи.

Од редовите на оваа партија досега не објаснија на кој начин, напоредно со бојкотот, би ја извршиле и блокадата на гласањето на граѓаните на денот на локалните избори. Тие ја повикаа коалицијата Вреди да го напушти владиното мнозинство, но тоа не се прифаќа.

-Во ДУИ се очајни за внимание и дека од таа причина даваат неодговорни најави за бојкот на локалните избори. Тоа што не се снаоѓаат во опозиција не може да го претворат во државен проблем. Али Ахмети е очаен за политичко внимание. Прво, крајно лицемерно и неодговорно е ДУИ да не обвинува нас за иницијативата пред Уставниот суд, кога истата е свесно држена во фиока од нивните кадри во овој суд, со план денес да се злоупотребува за критика. Не може ВЛЕН да биде одговорен за одредени недоречености во законот кои самите ДУИ свесно ги дозволиле. Второ, текстот на Законот за употреба на албанскиот јазик е доставен до Венецијанската комисија токму од Бујар Османи. Нема никаква дилема дека зад сценариото за бојкот на локалните избори се крие стравот на ДУИ од пораз, па затоа измислуваат алиби во лажните обвинувања за наводна деалбанизација која симптоматично, според нив, се случува само затоа што тие не се дел од Владата – соопштија вчера од Вреди.

И политичките аналитичари сметаат дека зад најавите за бојкот и за блокада на изборите се потег зад кој се крие слабост.

Досегашните искуства покажуваат дека ДУИ често применува стратегии на условување и уцени кога се чувствува загрозено. Нивната моќ е значително намалена, па е можно овој бојкот да е само тактика за преговори, за добивање на некаква предност или за мобилизација на своето гласачко тело преку создавање чувство на жртва. Ако блефираат, најверојатно во последен момент ќе најдат „изговор“ да се вратат во процесот, тврдејќи дека нивните услови (наводно) биле исполнети. ДУИ навистина стравува од изборниот процес и го користи бојкотот како стратегија за избегнување на пораз. Во услови кога нивната поддршка е во опаѓање, бојкотот може да им послужи како начин да го оправдаат можниот пораз – „не изгубивме, туку не учествувавме“. Ова може да биде знак дека се свесни за слабостите на нивната мрежа на поддршка и дека контролата врз гласачите им се лизга. Ако се сериозни во намерата за бојкот, тоа покажува дека нивната политичка криза е подлабока одошто изгледа – вели аналитичарот Џенур Исени за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека на крај на сета ова наратива на ДУИ, заклучокот е дека без разлика дали е блеф или вистинска намера, овој потег покажува слабост, а не сила.

-Ако ДУИ навистина е сигурен во својата поддршка, ќе излезеше на избори и ќе ја докажеше. Бојкотот, наместо да ги заштити, само ќе ја зголеми перцепцијата дека нивното време завршува. Ако, пак, ДУИ се обиде да ги блокира гласачките места, државата мора да реагира соодветно и одлучно за да го заштити демократскиот процес. Односно, секој обид за блокада треба да се третира како нарушување на изборниот процес и да се санкционира во согласност со законските процедури. Во секој случај, државата мора да покаже дека демократскиот процес не е заложник на една партија, а секоја форма на опструкција ќе има правни и политички последици.

Според аналитичарот Благојче Атанасоски, како и сите партии кај нас, така и ДУИ е клиентилистичка и веројатно се плаши дека долг период во опозиција ќе направи одливање на гласачкото членство и тело.

-Затоа приоѓа кон радикални мерки и чекори со кои сака да го сврти вниманието кон себе. Дали ДУИ ќе го бојкотира изборниот процес за локалните избори ќе видиме, но тоа ниту ќе биде во полза на ДУИ која ќе биде фактор на политичка криза и дестабилизација, ниту на државава. Ако спречува гласање на гласачки места, тоа ќе биде и попречување на легалитетот и легитимитетот на изборниот процес и треба да се соочат со правни последици. За земјата ќе биде катастрофа, бидејќи како земја членка на НАТО и аспирант за ЕУ, ќе покажеме дека немаме институционален капацитет за спроведување на демократски избори на целата територија на Македонија – потенцира Атанасоски за весникот ВЕЧЕР.

Завчера и од редовите на опозициската СДСМ порачаа дека во редовите на ДУИ мора да се помират дека се во опозиција и така да дејствуваат.

-Тие мора да се помират дека се опозиција, да даваат свои ставови на клучни прашања и секако кога ќе дојде соодветно време ќе има и парламентарни избори. Во моментот тие не се во состојба да поставуваат какви било услови или да го диктираат темпото на политичкото дејствување во државата – изјави пратеничката  Сања Лукаревска. (Б.Ѓ.)

 

Со пренос во живо ќе се демантираат манипулациите дека Уставен носи етнички одлуки

 

Политичките повици и закани од ДУИ да не се чепка ништо во Законот за јазици нема да го поколеба Уставниот суд да ја одржи подготвителната седница на 20 март. Со пренос во живо ќе се демантираат манипулациите дека носиме етнички одлуки, изјави претседателот на судот Дарко Костадиновски, во интервју за Канал 5, кој најави присуство на 15 експерти кои ќе аргументираат за овој предмет. Меѓу нив ќе биде и еден од потпретседателите на Венецијанската комисија, кој ќе го образложи побараниот пријателски совет, како и експерт за малцински права од Европскиот суд за човекови права. Костадиновски очекува конечната одлука Законот за употреба на јазиците да биде донесена во текот на мај или најдоцна во јуни.

„Јас сакам граѓаните да видат самите, да не дозволат да бидат манипулирани, за што ќе разговараме ние на таа подготвителна седница. Таму ќе слушнете само уставни аргументи, аргументи од меѓународното јавно право, од човековите права, од меѓународните стандарди. Сакам да ја разбијам онаа манипулација дека ќе сме укинеле нечие право. Од кога тоа владеењето на правото повредува нечии чувства?, потенцираше првиот човек на Уставен суд.

ИЗДВОЕНИ