– Индустријата е важен столб за економски развој, но, за жал, остава сериозни последици врз животната средина преку загадување на воздухот, водата и на почвата. Затоа треба да се зајакнат процедурите за доделување на интегрираните еколошки дозволи, бидејќи се клучни за да се осигуриме дека секоја индустрија ги почитува стандардите и го намалува загадувањето. А, наша должност е да ги контролираме овие влијанија и да промовираме почисти и поодржливи практики – истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на работилницата за животна средина и климатска акција во Скопје, која се спроведува во рамките на проектот „ИПА-твининг“ со Европската Унија.
Според него, Директивата на ЕУ за индустриските емисии и за еколошките дозволи е голем чекор во оваа насока. Меџити укажа и дека треба да постои соработка со сите партнери, и дома и во странство, затоа што ниту една земја не може сама да се соочи со предизвикот на индустриското загадување.
– Во однос на овој проект, заедно со нашиот партнер од Грција, имаме цел да го подобриме законодавството и да го намалиме загадувањето во земјава. Само преку соработка и размена на искуства можеме да постигнеме конкретни и одржливи резултати – потенцира Меџити.
Како што беше речено на работилницата, спроведувањето на твининг-проектот е чекор напред на патот кон почиста и побезбедна животна средина.