Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамките на посетата на Будимпешта, каде што се одржа Втората меѓувладина седница меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија, оствари билатерална средба со унгарскиот министер за енергетика, Чаба Лантос.

На состанокот присуствуваа и Карој Матраи, извршен директор на МВМ Гроуп, како и Петер Холича заменик државен секретар, кои ги претставија перспективите за унапредување на енергетската соработка меѓу двете земји.

Во фокусот на разговорите беа можностите за зајакнување на енергетското партнерство, инфраструктурната поврзаност и обезбедувањето на енергетска стабилност. Двете страни ја истакнаа важноста на натамошната соработка во областа на обновливите извори на енергија, гасната инфраструктура и регионалната енергетска интеграција.

Министерката Божиновска истакна дека ова партнерство со Унгарија е пример како стратешките соработки можат да донесат конкретни резултати, од подобрување на енергетската ефикасност до зголемување на интерконективноста и развој на иновативни енергетски решенија.

Таа ја нагласи заложбата на Владата на Македонија за стабилен и сигурен енергетски систем, со диверзификација на енергетските извори и модернизација на инфраструктурата, а Унгарија ја потенцираше подготвеноста за поддршка во процесите на енергетска транзиција и поголема поврзаност на енергетските пазари.

Средбата беше потврда за цврстите билатерални односи и партнерството во енергетскиот сектор, со јасна насока за конкретни заеднички проекти кои ќе донесат бенефити за двете земји.

ИЗДВОЕНИ