Јавното претпријатие за комунално – производни и услужни работи „Исар“ Штип се соочува со 60 отсто загуба на произведената вода, недостиг од дозвола за депонирање и третман на отпадот, како и доцнење во плаќањето на 25,2 милиони денари по спогодба со Министерството за финансии, со што претпријатието е пред значајни предизвици кои може да имаат сериозни последици за неговото функционирање и животната средина, констатирале државните ревизори чешлаjќи го работењето на ЈП „Исар“ – Штип за 2023 година.

– Од вкупните побарувања во износ од 196.447.000 денари, искажани на 31.12.2023 година, 75 отсто се по основ на продажба на вода, а останатите 25 проценти се побарувања за јавна чистота, паркови и зелени површини, изградба и реконструкција на водоводни и канализациони линии и продажба на гробни места – соопшти ДЗР.

Над 55,4 милиони денари што е 28,2 проценти од вкупните побарувања датираат од пред 10 години и постои ризик тужените побарувањата во износ од 24,6 милиони денари да не се наплатат.

– Завршените градби од 2019 година, кои се однесуваат на изградба и реконструкција на примарна и секундарна водоводна и канализациона мрежа во вкупен износ од 20.279 илјади денари, за кои општината како инвеститор нема обезбедена целосна документација, сметководствено се водат како инвестиции во тек, иако истите се во употреба – се додава во соопштението.

Од ДЗР посочуваат дека од наплатениот надоместок од корисниците на услуги за одржување на јавна чистота во износ од 13.707 илјади денари, ЈП „Исар“ Штип уплатило 3.287 илјади денари, односно 24 отсто на сметка на општината, со што остварени се помалку приходи во Буџетот на Општина Штип наменети за реализација на програмата за одржување на јавната чистота.

Ревизијата утврдила неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите, односно со Колективниот договор на ниво на работодавец, за секоја измината година работен стаж на работникот му се исплатува додаток на основната плата во висина од 1 отсто но не повеќе од 20 проценти за целокупниот работен стаж, наместо 0,5 отсто за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20 проценти, како што е предвидено со законските одредби и Општиот колективен договор за јавниот сектор.

Според ревизорскиот извештај депонија „Трештена скала“ не е оградена, нема струја, вода ниту физичко обезбедување, каде неконтролирано се изнесува отпад, поради што често истата е извор на запалување и пожари, односно загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето.

Ревизијата утврдила значителното отстапување на количината на приходуваната вода во однос на произведена, односно за 60% загуба на вода, што влијае на помалку остварени приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода, кои претставуваат приходи на државата.

Според ревизорскиот извештај ЈП „Исар“ Штип доцни во исполнување на месечните обврски за износ од 25.227 илјади денари по спогодба со МФ и утврден динамичен план, за репрограмираниот долг по основ на искористен кредит во денарска противвредност од 2.6 милиони евра на МЕАП програмата за 2000 година.

Исто така, претпријатието има искажано обврски во износ од 16.797 илјади денари по основ на примени средства во 2005 и 2006 година од Општина Штип од сметката на средства од месниот самопридонес, за изградбата на резервоари за водоснабдување на град Штип, кои се потрошени за тековно оперативни расходи, со што останува обврската истите да ги врати.

ИЗДВОЕНИ