Народниот правобранител алармира за состојбата со врсничкото насилство во и надвор од училиштата. Кај нив досега пристигнале 30-на пријави за булинг, а на интернет адресата на просветниот инспекторат 10 родители пријавиле дека нивното дете е жртва булинг. Државниот советник од канецеларијата на народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа од постетите по училиштата заклучиле дека и натаму тешко оди препознавањето на облиците на насилство од страна на стручните служби. Порача поголема едукација на училишните педагози и психолози бидејќи довербата во нив е на најниско ниво, па децата и нивните родители насилството го пријавуваат кај класните раководители. Бајрамовска вели дека булингот најмногу се случува во основно, а загрижувачки е фактот што е присутен кај учениците од прво, второ одделение.
„Да се укаже од штетните последици од врсничкото насилство, мора децата да ги воспитуваме од мали, дека конфликтите се решаваат преку разговор, а не со употреба на сила. Во училиштата увидовме дека насилството се користи како алатка за манифестација на моќ, за доминација, а жртви се емотивно послабите деца, повлечените или оние со посебни потреби,, изјави Бајрамовска.
Од министерството за образование за весникот Вечер велат дека по секоја пријава на адресата prijavinasilstvo@mon.gov.mk постапува педагошката служба на МОН, стапуваат во контакт со службите од училиштето,а се повикуваат и родителите и децата.
,,Најважните активности за борба против врсничкото насилство се превентивните. Училиштата се должни во своите годишни програми да планираат и заштита од насилство. МОН уште на почетокот на годината до училиштата достави допис со насоки да се организираат што повеќе наставни и вон наставни активности за подигнување на свеста на учениците за градење на мирна училишна средина со разбирање и меѓусебно почитување,, ни одговорија од МОН.
Но, насилството од училиштето често се префрла и на улица. Полицијата во своите билтени секојдневно објавува случаи на насилство на дете врз дете, освен тупаниците, често насилниците користат и нож. Во Министерството за правда работи посебен совет за превенција на детско престапништво и правда за децата, и оттаму за весникот ВЕЧЕР велат дека работат на законската обврска за формирање на општински совети за превенција од детско престапништво.
,,На средбите по општините се разговара за прашањата за превенцијата од зависности, врсничкото насилство, спречување на трговијата со луѓе, спречување на појавата на радикализација кај младите и појавата на говор на омраза, безбедното користење на интернетот, промоција на спортските, јазичните/филолошките, информатичките, уметничките и креативните концепти и активности преку настани и посебни работилници, саеми на воншколски активности, медиумската застапеност и промоција на советите на социјалните мрежи и вредностите за кои се залагаат, како и мерките кои значат унапредување на заштитата од деликвенција,, ни одговорија од советот во кој членуваат преставници од образовани, правда, полиција.
Насилството меѓу младите ја одразува сликата на едно општество велат социолозите. Порачуваат родителите да им посветуваат поголемо внимание на децата и да ги воочуваат промените, а не проблемот да се забележи откако ќе се случи насилството. Наставниците, а не социјалните медиуми да ја имаат воспитната улога во градење на личноста на младите, објаснуваат стручните лица кои ги консултираше ВЕЧЕР. Врсничкото насилството е се поприсутно и на интернет, веќе објавуваме случаи на постоење групи на социјалните мрежи преку кои се шири говор на омраза, се омаловажуваат ученици, а се злоупотребуваат и слики на малолетници. Според законската регулатива, освен педагошки мерки законот предвидува и прекршочни глоби за родителите. (П.А)