Google соопшти дека им помага на индиските власти да ја истражат смртта на тројца мажи кои наводно паднале од недовршен мост следејќи го Google Maps. Тројцата патувале на свадба и додека возеле низ индиската држава Утар Прадеш, нивниот автомобил паднал во реката Рамганга од недовршен мост.

Инцидентот се случил во неделата, а возачот го следел Google Maps бидејќи не знаел по кој пат да оди, изјавија полициски службеници. Полицијата испрашуваше неименуван службеник од апликацијата за навигација, како и други од владиниот оддел за јавни работи, објави новинската агенција Press Trust of India.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејствата. Тесно соработуваме со властите и даваме поддршка за да се истражи оваа работа“, изјавија од Google за АФП во соопштение испратено по е-пошта.

Локален полициски службеник изјавил дека дел од мостот бил оштетен минатата година поради поплави.

Несреќата доаѓа една година откако двајца лекари починаа во јужната држава Керала кога нивниот автомобил паднал во реката Перијар, исто така откако ја следеле истата апликација.