Само седум земји во светот минатата година ги исполнија упатствата за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО) за присуство на токсични честички познати како PM2.5, покажуваат најновите анализи на швајцарската компанија IQAir.
Тоа значи дека во речиси секоја земја во светот воздухот е позагаден отколку што препорачуваат лекарите, пренесува Гардијан. Австралија, Нов Зеланд, Естонија и Исланд, како и некои помали островски држави, се меѓу ретките земји каде што количината на ПМ2,5 честички не надминува 5 µg на кубен метар.
Најзагадени земји се Чад, Бангладеш, Пакистан, Конго и Индија, каде во 2024 година нивото на токсични честички во воздухот било најмалку 10 пати поголемо од упатствата на СЗО, покажа студијата. Загадувањето на воздухот е вториот најголем ризик фактор кој придонесува за смртност, веднаш по високиот крвен притисок, а лекарите велат дека милиони животи може да се спасат годишно доколку се следат упатствата на СЗО.
„Загадувањето на воздухот не убива веднаш, така што може да поминат две до три децении пред да се видат здравствените ефекти, освен ако тоа не е многу екстремно“, рече извршниот директор на IQAir, Френк Хамес.
Светската здравствена организација проценува дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе секоја година.
СЗО претходно откри дека 99 отсто од светското население живее на места кои не ги исполнуваат препорачаните нивоа на квалитет на воздухот.
Неколку градови како Пекинг, Сеул, Јужна Кореја и Рибник во Полска успешно го подобрија квалитетот на воздухот преку построги регулативи за загадување од возила, електрани и индустрија. Тие, исто така, промовираат употреба на почиста енергија и инвестираат во јавниот транспорт.
Неодамна објавена студија покажа присуство на високо ниво на микропластика во белите дробови на птиците, што е доказ за широко распространето загадување на воздухот.
Друга студија покажа дека загадениот воздух ја намалува способноста на луѓето да се фокусираат на секојдневните задачи.