„Заедно можеме да смениме сè! Дојди и приклучи се!“ Попладнево протестен марш „Кој е следен“

139

Со почетна локација пред Универзалната сала во Скопје денеска во 16:30 часот, граѓанската иницијатива „Кој е следен” организира протестен марш „Не само како поединци, туку како заедница“.

– Потребни сме му на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин! Системот што треба да нè заштити потфрла, затајува и секојдневно ни ја докажува својата нефункционалност – онаа што ни ги крати животите. Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да направи вистински промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции! – се вели во соопштението од „Кој е следен“.

По одржаните јавни форуми, со вашата поддршка и стручната јавност, се додава во соопштението, подготвивме конкретни мерки и барања до институциите, кои ќе овозможат поправеден, пофункционален и побезбеден систем за сите нас.

Приоритетни барања на протестот, како што е најавено, ќе бидат, безбедни улици и градови, неселективен и правичен систем и едуцирана младина со морален компас во вистинската насока.

– Истакнувањето на барања е политички акт, но тоа не значи дека некоја партија треба да го преземе и да манипулира со граѓанската борба! Секој оној што се обидува да го поткопа протестот со теории на заговор дека е платен од некого, нека знае: за протест пари не се потребни. За хамер и фломастери за плакатите – имаме. Секој изгубен живот е нов потсетник дека не смееме да молчиме! Не смееме да тонеме во апатија, чувствувајќи се немоќни да направиме промена. Заедно можеме да смениме сè! Дојди и приклучи се! – порачуваат од иницијативата „Кој е следен”.

ИЗДВОЕНИ