„Задоцнета реакција“, протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани

368

Во Кочани денеска со почеток од 12:05 ч. е најавен трет протестен марш „Задоцнета реакција“ на семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 62 млади лица и близу 200 повредени.

Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.

Маршот ќе започне од Градскит парк во Кочани кон Трговскиот центар, Општина Кочани, полицијата и Основниот суд и обвинителство во Кочани.

-На маршот може да се приклучат сите граѓани на Македонија кои сакаат да изразат поддршка на родителите на покојните и почит спрема покојните. Маршот е единствено организиран од семејствата на починатите во пожарот во Кочани, не е за поддршка на обезбедувањето и ги замолуваме сите граѓани да го почитуваат ова и да не се приклучуваат доколку целосно не го прифаќаат маршот и неговата реализација, истакнаа во писменото соопштение.

Семејствата на настраданите на последниот протест искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер.

За трагедијата се води опсежна истрага во која се вклучени 13 обвинители и според надлежните, извршени се голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица меѓу кои поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување….

Првично со истрагата беа опфатени 34 физички и три правни лица меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по несреќата, двајцата претходни градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и поранешните директори на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски и Анета Симеска.

Истрагата беше проширена со нови 19 лица меѓу кои тројца поранешни министри за економија, актуелниот и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија  и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Со истрагата се опфатени и полициски службеници, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не ја исклучува можноста да бидат приведени уште лица до завршување на истрагата.

На 16 април се наврши еден месец од трагедијата во Кочани.

ИЗДВОЕНИ