Зачудени од расправијата со Трамп во Овалната соба: Европските сојузници на Украина застанаа во одбрана на Зеленски

991

Зачудени од расправијата во Овалната соба, повеќето европски лидери излегоа во одбрана на украинскиот претседател.

Европските сојузници на Украина, кои треба да се соберат во Лондон во недела, го поддржаа украинскиот претседател Володимир Зеленски по неговата „неславна“ средба во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Фена, повикувајќи се на АФП.

Зачудени од расправијата во Овалната соба, во која Зеленски ја напушти Белата куќа без да потпише очекуван договор за минерали, повеќето европски лидери излегоа во одбрана на украинскиот претседател.

Британскиот премиер Кир Стармер, кој штотуку се врати во Лондон по посетата на Белата куќа, рече дека разговарал со Трамп и Зеленски по конфликтот и ветил „непоколеблива поддршка“ за Киев.

Претставници од повеќе од десет европски земји ќе се соберат во Лондон на самит во недела, на кој, според Даунинг стрит, ќе се фокусира на зајакнување на поддршката за „обезбедување праведен и траен мир“ во Украина.

На собирот ќе се зборува и за потребата Европа да ја зголеми воената соработка поради загриженоста дали САД ќе продолжат да го поддржуваат НАТО.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да „отвори дискусија“ за можното европско нуклеарно одвраќање, по барањето на идниот германски лидер Фридрих Мерц.

Мерц истакна дека Европа треба брзо да се придвижи за да постигне воена независност од САД.

Трамп зборуваше со презир за трансатлантската алијанса и запрепасти многумина во Европа кога стапи во контакт со рускиот претседател Владимир Путин барајќи договор за Украина, која Русија воено ја нападна пред три години.

ИЗДВОЕНИ