Дека турбо се работи на решавање на предметите за експропријација потврди директорот на АКН, Иван Живковски, кој нагласи дека кај нив има наплив на предмети за експропријациите на коридорите 8 и 10д, за делниците на автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Предметите, вели тој, веднаш се решаваат за да нема застој и проектите да течат во согласност со предвиденото од страна на државата. – Сега веќе се работи на две секции од четирите. Третата се подготвува, а за четвртата Требениште – Ќафасан имаме проблеми, бидејќи дел од делницата е во периметарот што е заштитен од УНЕСКО, дел е во приватни парцели и работиме и на тоа. На потегот од Прилеп до Битола од 1200-1300 парцели решени се 850, истакна премиерот Христијан Мицкоски

За да нема застои во изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10д од страна и за да не се плаќаат пенали на изведувачот „Бехтел и Енка“, за доцнење на обврските што се на државата, забрзано се работи на решавање на предметите за експропријација на земјиштето, потврди премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.

Мицкоски нагласи дека за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, во Влада на почеток имале дилема кој пат да го фатат и на крај е одлучено да продолжи изградбата, но со зголемена динамика за да не се плаќаат пенали на изведувачот за доцнење на обврските што се на државата.

– Сега веќе се работи на две секции од четирите. Третата се подготвува, а за четвртата Требениште – Ќафасан имаме проблеми бидејќи дел од делницата е во периметарот којшто е заштитен од УНЕСКО, дел е во приватни парцели и работиме и на тоа. На потегот од Прилеп до Битола од 1200-1300 парцели решени се 850. Армијата работи на деминирање, бидејќи на овој потег била линијата на фронтот во минатото, така што сите капитални инвестиции се реализираат – потенцира Мицкоски.

Дека турбо се работи на решавање на предметите за експропријација потврди Живковски и нагласи дека кај нив има наплив на предмети за експропријациите на коридорите 8 и 10д, за делниците на автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Предметите, вели тој, веднаш се решаваат за да нема застој и проектите да течат согласно со предвиденото од страна на државата.

– Според информациите што ги имам од директорот на Управата за имотно-правни односи, имаше измени на Законот за експропријација, за побрз проток на предметите. Ние, како Катастар и последна алка во целиот процес, сме комплетно организирани, максимално мобилизирани и подготвени, како доаѓаат предметите, веднаш ги решаваме за да нема никаков застој. Сепак, се работи за комплексни проекти, а знаете како тече процесот на експропријација. Од наша страна ќе биде се направено во најкус можен рок да се завршат сите предмети коишто доаѓаат до нас – потенцира Живковски.

Премиерот Мицкоски истакна дека за капитални инвестиции, како што се изградба на автопатиштата, водоводи и канализациони системи… Владата во 2025 година има планирано над 50 милијарди денари буџетски средства. За премиерот Христијан Мицкоски, станува збор за вистински капитални инвестиции, а не за буџетски трансфери до јавните претпријатија кои претходната влада ги пријавуваше како капитални инвестиции поради што граѓаните не можеа тоа да го почувствуваат во својот стандард.

– Претходната влада таквите трансфери шпекулативно ги пријавуваше како капитални инвестиции. Ќе земат 200 милиони од кои 12, 13, 15 милијарди ќе ги префрлат на некои од јавните претпријатија за да можат да обезбедат ликвидност при тековното работење и тоа го декларираа како капитални инвестиции. Тоа се трансфери, тоа нема никаква врска со капиталните инвестиции – истакна Мицкоски.

Тој обелодени дека до 24 јуни буџетскиот дефицит и реализираните капитални инвестиции беа 3:1, односно од 18 на шест милијарди, а пак, заклучно со октомври буџетскиот дефицит е под 24 милијарди, а капиталните инвестиции се околу 19 милијарди.

– Тие до крајот на годината би требало да се спојат што претставуваше наша основна задача, бидејќи за тоа што се задолжуваме, тоа да го вложуваме преку капиталните инвестиции за да имаме додадена вредност. Фокусот на капиталните инвестиции веќе се гледа во општините и се гледа на терен – посочи Мицкоски.

 (С.Бл.)