Од Општина Карпош образложуваат дека оваа мерка се носи поради неодговорното однесување на инвеститорите и изведувачите, особено во населбите каде што има индивидуални куќи, опасноста по безбедноста на објектите, околните моторни возила, граѓаните, како и за зачувување на човековата околина и постојната патна водоводна и канализациона инфраструктура
Градоначалникот и Општина Карпош во иднина нема да даваат одобренија за градба доколку инвеститорот и изведувачот не потпишат изјава заверена на нотар со која се обврзуваат да не користат багери гасеничари, да користат багери помали од 3,5 тона и да користат камиони кипери, чија носивост е најмногу 10 тона.
Од Општина Карпош образложуваат дека оваа мерка се носи заради неодговорното однесување на инвеститорите и изведувачите, особено во населбите каде што има индивидуални куќи, опасноста по безбедноста на објектите, околните моторни возила, граѓаните, како и за зачувување на човековата околина и постојната патна водоводна и канализациска инфраструктура.
– При ископи на земја во зона на индивидуално домување многу често се користат багери со голем габарит. Во многу случаи дури и се употребуваат багери гасеничари со тежина над 25 тона. Тие ги оштетуваат станбените улици, ги разоруваат рабниците и тротоарите, потоа тука навлегува вода и зимно време со мразовите се уништува асфалтот на улицата – нагласуваат од Општина Карпош.
Оттаму додаваат дека овие багери се голема опасност за безбедноста на граѓаните поради нивниот габарит и бидејќи работат на нафта, се и големи загадувачи.
Затоа, од Општина Карпош наведуваат дека граѓанинот инвеститор, или правното лице, како и изведувачот, овие изјави ќе мора да ги потпишат пред да добијат правосилност на одобрението за градба.
– Непочитувањето на овие одредби ќе повлекува последици по инвеститорот и изведувачот, дури и со поништување на градежната дозвола и истите ќе бидат ставани на црна листа како инвеститори во општина Карпош на кои потоа нема да им се дава одобренија за нови градби – заклучуваат од локалната самоуправа.
(А.П.)