Европската куќа на фудбалот (УЕФА) подготвува револуција во Лигата на шампионите, односно ќе воведе три нови правила на најквалитетното клупско натпреварување на Стариот Континент.

Оваа сезона, првпат се играше Лигата на шампионите во нов лигашки формат со 36 екипи наместо во групна фаза, а иако сè уште трае нокаут-фазата, се подготвуваат нови правила за претстојната сезона.

Германскиот таблоид „Билд“ наведува дека имал пристап до документацијата на УЕФА и дека следната сезона ќе стапат на сила три нови правила што би можеле значително да го променат натпреварувањето.

Дефинитивно сè ќе биде решено на 30 мај, на предвидениот состанок, а најавени промени се следниве.

Пенали место продолженија

Укинувањето на класичното дополнително време од 30 минути (два пати по 15) би било исклучително популарно кај голем број љубители на фудбалот. Во случај на нерешено, веднаш би се одело на пенали.

Предност на домашен терен за најдобропласираните

Правилото во кошарката кога подобропласираните екипи ја имаат предноста на домашниот терен би можело да заживее од следната сезона и во ЛШ. Екипите што би обезбедиле топ-8 по групната фаза од Лигата, ќе имаат предност на домашен терен во четврт-финалето и во полуфиналето, во зависност од својата позиција. Моментално ова правило е само за осминафиналето, по кое има ждрепка, но се чини дека би донело многу подобрување.

Повторно воведување на „заштита на државите“

Клубовите од иста земја можеа да играат еден против друг уште од плејофот, но може да се промени и тоа. УЕФА размислува да го врати стариот систем од следната сезона, кога би можеле да се сретнат тимовите од исти земји само во подоцнежните фази од Лигата на шампионите.

ИЗДВОЕНИ