Пред речиси 20 години, Сомах Мецгер одлучи да ја напушти работата во германски дом за стари лица и да се пресели во соседен Луксембург. Таму го научила луксембуршкиот јазик на курс организиран од нејзиниот нов работодавец. Од својот дом во Трир, Германија, каде што живее со семејството, таа патува на само 13 километри до работа, за што и се потребни околу дваесет минути. „Никогаш не се покајав за мојата одлука“, вели Мецгер.
Се повеќе Германци работат во Луксембург
Мецгер не е сама во одлуката. Според Националниот институт за статистика на Луксембург, повеќе од 52.000 Германци моментално работат во малата земја – 30 отсто повеќе од пред десет години. Повеќето од нив сè уште живеат во Германија и секојдневно патуваат на работа. Дури 6.300 Германци се регистрирани во здравствениот и социјалниот сектор, од кои најмалку 4.000 се негуватели, како Мецгер, пренесува Дојче веле.
Подобри плати и услови за работа
Во домот за стари лица „Оп Ламп“, каде што работи Мецгер, дури 80 отсто од 147-те вработени се Германци кои се грижат за 81 жител. „Ние не ангажираме намерно негуватели од Германија“, вели директорката Миреј Вирц-Ленерц, „но во пограничната област приказната за подобри работни услови во Луксембург брзо се прошири“.
Прекувремена работа речиси и да нема, има повеќе вработени во тимови, а вработените се чувствуваат почитувани. Покрај тоа, платата е значително повисока. Мецгер истакнува дека со 60 отсто работно време во Луксембург, заработува повеќе отколку што би заработувала во Германија со полно работно време.
Неодамна Луксембург дополнително ги зголеми платите на вработените во секторот грижа за стари и болни лица. Негувател со десет години стаж може да заработи околу 65.000 евра годишно, додека медицинските сестри можат да достигнат до 100.000 евра, со бонуси.
Зголемена побарувачка за негуватели
Како што старее населението на Луксембург, потребата од негуватели се зголемува. Здружението на негователи Копас проценува дека ќе треба да се пополнат 4.000 работни места во следните пет години, вклучувајќи 900 медицински сестри, како и физиотерапевти и помошен персонал.
Сепак, само нешто повеќе од 100 негуватели ја завршуваат својата обука во Луксембург секоја година, така што веќе половина од медицинските сестри доаѓаат од соседните земји. Вирц-Ленерц, директор на домот за стари лица, стравува дека во иднина ќе биде потешко да се привлечат германски работници.
„Платите полека растат и во Германија“, вели таа, но истакнува дека Луксембург нуди подобри работни услови, пониски даноци и поповолни пензии.
Катастрофа за германскиот здравствен сектор
Заминувањето на медицинскиот персонал во Луксембург сериозно ги загрозува германските болници и домови за стари лица. Само од болницата Barmherzige Brüder во Трир, секоја година во Луксембург одат од 25 до 30 медицински сестри.