Вработените во Националниот парк Шар Планина информираат дека е утврдено присуство на реткото диво животно – балкански рис во месноста Лешница. Тие го следеле движењето на дивите животни преку поставени видеокамери од почетокот на оваа година.

Балканскиот рис е национално обележје на Македонија, го има и на монетата од 5 денари, но од денес е оправдан неговиот лик и на логото на Националниот Парк Шар Планина.

– Воспоставеното следење на дивите животни со фото-замки од почетокот на годината ни даде одлични првични резултати, но последното видео ни донесе и солзи радосници. Возбудени сме да ја споделиме информацијата дека го потврдивме неговото присуство во срцето на Шар Планина, во Лешница – информираат од НП „Шар Планина“.

Балкански рис е предатор и е исклучително ретко диво животно. Тој е еден од избраните клучни видови и е добар индикатор за здравствената состојба на екосистемот.

Локалитетот Лешница е посебен предел поради своите бројни вредности, а потврдата дека е живеалиште на рисот е дополнителен аргумент дека заслужува посебен третман. Национален Парк без мали хидро-централи,  почитување на режимот за движење со моторни возила, без било какви други негативни човекови влијанија и други недозволени активности.

– Присуството на рисот во срцето на Шара е потврда дека насоките на управување се добро поставени и со ова би сакале да изразиме благодарност до ренџерската служба, стручниот колегиум и до научниот совет на институцијата, до колегите од секторот природа на МЖСПП и до главните подржувачи во напорите да се заштитат уникатните вредности на Шар Планина, PONT и Global Conservation – велат од НП „Шар Планина“.