Членството на Украина во НАТО е „достижно“, но Киев ќе мора да се бори за да ги убеди сојузниците и да го оствари тоа, изјави претседателот Володимир Зеленски пред украинските дипломати, пренесува Хина.
Украина постојано бараше членство во НАТО. Западната воена алијанса потврди дека Украина еден ден ќе се приклучи, но не одреди датум ниту упати покана. Москва ја наведе можноста за пристапување на Украина во НАТО како едно од главните оправдувања за инвазијата во 2022 година.
Киев вели дека членството или еквивалентна форма на безбедносна гаранција би било клучно за секој мировен план за да се осигура дека Русија нема повторно да нападне.
„Сите разбираме дека поканата на Украина во НАТО и членството во алијансата може да биде само политичка одлука“, им рече Зеленски на дипломатите на состанокот во Киев.
„Членството на Украина во НАТО може да се постигне, но само ако се бориме за таа одлука на сите неопходни нивоа“, додаде тој. Зеленски истакна дека сојузниците мора да знаат што може да донесе Украина во НАТО и како нејзиното членство ќе ги стабилизира глобалните односи.
Украинскиот претседател минатата недела ги повика европските земји да обезбедат заштита на Украина по завршувањето на војната со Русија.