Бројот на слободни работни места, во четвртиот квартал лани, изнесувал 9.562, а најголем број, 2.149, имало во втората група занимања – стручњаци и научници, Според Државниот завод за статистика, 2.074 слободни работни места има во групата работници во услужни дејности и продажба, потоа следуваат елементарните занимања – 1.638, занимањата за неиндустриски начин на работа во производството – 1.028, ракувачите и составувачите на машини и постројки – 851, техничарите и сродните занимања – 1.016 и службениците – 744.
Евидентирани се и 44 слободни работни места во групата членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори, како и 19 во групата стручни работници во земјоделството, шумарството, рибарството и во ловот.
Во четвртиот квартал лани, стапката на слободни работни места изнесувала 1,93 проценти. Највисока стапка на слободни работни места, од 3,47 проценти, имало во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, додека најмала била стапката во секторот јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување, во кој изнесувала 0,13 проценти.
Деловните субјекти со 10 до 49 вработени имале највисока стапка на слободни работни места, која изнесувала 2,69 проценти. Пелагонискиот Регион имал највисока стапка на слободни работни места – 2,72 проценти.