ЗА В САБОТА СЕ НАЈАВУВА НОВ ГРАЃАНСКИ СОБИР: На „Народното собрание“ пред македонскиот Парламент, иницијативата „Кој е следен“ ќе ги изнесе своите барања

411

Одржување граѓански собир под слоганот „Народно собрание“ за задутре со почеток во 11:00 часот, пред македонскиот Парламент, најави вчера иницијативата „Кој е следен?“. Настанот, според најавата, има цел да го врати гласот на народот во јавниот дискурс и да овозможи отворена дискусија за клучните општествени проблеми.

Организаторите повикуваат на масовно присуство, нагласувајќи дека граѓаните ќе имаат можност јавно да ги изнесат своите ставови, критики и барања преку отворен микрофон.

– „Кога заминуваат тие на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Демократијата не оди на пауза. Не затоа што немаме што да правиме туку затоа што имаме што да кажеме. Граѓаните ќе зборуваат, ќе критикуваат, ќе поддржуваат, ќе го кажат тоа што тлее предолго – велат од „Кој е следен?“.

Собирот пред Собранието, како што велат тие, е поради тоа што имаат барања што не може да чекаат и затоа што демократијата не оди на одмор.

Настанот ќе биде поделен во два дела, при што во првиот ќе се презентираат барањата на иницијативата „Кој е следен?“. Потоа, секој граѓанин што ќе посака, ќе може јавно да го изнесе своето мислење околу барањата или да сподели генерален став за моменталната состојба.

– Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Ова е твојот простор. Наш простор. Се гледаме пред Собранието. Настанот ќе трае додека има граѓани што сакаат да бидат слушнати. Ако имаш што да кажеш — подготви го дома и кажи го пред сите. Не чекај да те повикаат. Нека биде ова твојот повик! – порачаа од граѓанското движење. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ