За убаво, за арно! Наско, синот на легендарниот виолинист Зоран Џорлев, се сврши во Париз, со девојката Екатерина

63

Дедото на Наско, Наско Џорлев, е, исто така, легенда на македонската народна музика, по кого тој и го има добиено убавото име. Сите ние и ден-денес ја пееме неговата прекрасна „Не кажувај, либе, добра ноќ“, која ја има на својот репертоарот и балканската поп-пејачка ѕвезда, Нина Бадриќ

Се сврши познатиот македонски музичар Наско Џорлев, кој, инаку, е постар син (помладиот е Мартин) на, за голема жал, починатиот легендарен македонски виолинист и професор по музика, Зоран Џорлев. Инаку, славниот музичар почина на 53-годишна возраст, како последица на короната, во времето на пандемијата. Дедото на Наско, Наско Џорлев, е, исто така, легенда на македонската народна музика, по кого тој и го има добиено убавото име. Сите ние и денес ја пееме неговата прекрасна „Не кажувај, либе, добра ноќ“, која ја има на својот репертоарот и балканската пејачка ѕвезда, Нина Бадриќ.

Тогаш кога ненадејно почина Зоки, синот Наско објави многу емотивен статус за него. Немаше таков што не заплака по прочитаното. Доказ дека љубовта меѓу таткото и синот е нераскинлива, искрена и вечна.

– Сфатив дека животот е толку суров и дека до крај ќе ми остане исполнет со тага на местото каде што ми се откина дел од душата. Моето семејство и светов изгубија еден од најдобрите луѓе што постоеле и ќе постојат. Татко ми имаше многу планови за понатаму, никогаш не се откажуваше, неговиот оган гореше силно до крај. Во плановите нè имаше вклучено мене и брат ми. За секого имаше љубов и разбирање и сè правеше од срце, на чесен начин. Другар, искрен, добар, народен човек, мој херој! Мојот татко, мојот прв пријател, моето сè. Сè што имам е од него, сè што сакам и правам денес е поради него, сè ми даде. Сè што ќе продолжам да правам е за него. Беше сопруг, татко, брат, другариште, човечиште, маестро… – порача тогаш синот Наско.

По четири долги тешки тажни години, по таа голема семејна трагедија, среќата повторно му се насмеа на Наско Јуниор. Талентираниот музичар, познат и по својот ведар карактер,  ја побара раката на својата сакана долгогодишна девојка Екатерина Пишмирова-Ина. Среќниот настан се случи во Градот на Светлината, Париз, пред прочуената Ајфелова кула, на брегот од реката Сена.

И, Ина не можеше да се воздржи од радост и немаше причина да го крие тој среќен момент, па на сите ни го покажа свршеничкиот прстен на својата рака. И додека се редеа честитките ден и ноќ, Наско и Ина воедно, преку фотографии, ни открија колку силно се гушкаат, колку се сакаат, така насмеани и исполнети со љубов. А, љубовта е таа што може сè. Од љубов не се бега! Нивните бакнежи се редеа исто како во прекрасната мелодија со Нина Спирова – „Еден бакнеж, песни рој“.  Д.М.

 

ИЗДВОЕНИ