Програма за инвестирање во животната средина за 2025 година, Програма за управување со водите за 2025 година, Програма за заштита на природата за 2025 година и Годишна програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад за 2025 година, кои, на предлог од МЖСПП, ги донесе Владата на Република Македонија, на 47. седница на Владата и кои се веќе објавени во „Службен весник“. За реализација на овие четири програми, планирани се 1.142.123.000 денари (18,5 милиони евра), од кои над една милијарда и сто милиони денари се од буџетот на државата и околу 30 милиони денари од шведската Агенција за животна средина.

СО ПРОГРАМАТА ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ЗА 2025 ГОДИНА се утврдува намената и се доделуваат средства за финансирање, кофинансирање и за реализирање на програми, проекти и на други активности од областа на животната средина за 2025 година. Средствата за реализирање на оваа програма се обезбедуваат од надоместоците утврдени во членот 162 од Законот за животната средина и се предвидени во буџетот на Република Македонија за 2025 година, во вкупен износ од 871.128.000 денари.

Средствата се наменети за следниве активности: поддршка на мерки и активности за спроведување обуки за заштита и унапредување на животната средина; поддршка на мерки и активности за управување и заштита на водите во Република Македонија; поддршка на мерки и активности за заштита на квалитетот на воздухот; поддршка на мерки и активности за третман на отпадните води и поддршка на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина.

СО ПРОГРАМАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ВОДИТЕ ЗА 2025 ГОДИНА се утврдуваат средства за извршување на работите согласно со член 212 од Законот за водите, и тоа за: управување и развој на водните ресурси и надоместување на трошоците за работење на органите на државната управа и органите и организациите што имаат соодветни надлежности во управувањето со води; изградба на нови и одржување и унапредување на постојните јавни водоснабдителни објекти; изградба на нови и одржување и унапредување на постојните хидросистеми и хидромелиоративни системи; одржување и заштита на природните езера; одржување на водотеците; изградба и одржување на објектите за регулација на водотеците; заштита од штетните дејства на водите (ерозија и порои) надвор од населените места; подготовка на планови за одбрана од поплави и замрзнување; планови за заштита од ерозија и порои; подготовка на соодветни планови за заштита од други штетни дејства на водите надвор од населените места; контрола на состојбите и собирање и обработка на податоците за резерви на вода и нивно рационално користење; хидрогеолошки и други истражувања; подготвување и организирање на спроведувањето на Програмата за мерки за заштита на водите од загадување; мониторинг и утврдување на состојбата со квантитетот и квалитетот на водите и мониторинг на безбедноста на водата за консумирање од човекот; воспоставување и одржување заштитни зони и изградба на одржување на објекти за заштита на водите од загадување. За реализација на оваа програма, од буџетот на Република Македонија за 2025 година се обезбедени средства во висина од 31.735.000 денари.

СО ПРОГРАМАТА ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА ЗА 2025 ГОДИНА се утврдуваат активности што ќе се реализираат во 2025 година, заради унапредување на заштитата на природата во Република Македонија, преку спроведување на целите определени во Националната стратегија за заштита на природата со акциски план (2017-2027). Средствата од оваа програма, во вкупен износ од 77.510.000 денари, ќе се обезбедат од буџетот на Република Македонија за 2025 година и од донаторски средства од тековниот повеќегодишен проект „Поддршка за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, во областа на животната средина – фаза 2“ на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со шведската Агенција за животна средина, во износ од 30.750.000 денари.

СО ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА УПРАВУВАЊЕТО СО ПОСЕБНИ ТЕКОВИ НА ОТПАД ЗА 2025 ГОДИНА се утврдува намената и се доделуваат средства за финансирање активности за постигнување на националните цели за посебните текови на отпад за 2025 година. Средствата за реализирање на оваа програма, во вкупен износ од 131 милион денари, се утврдени во буџетот на Република Македонија за 2025 година.

ИЗДВОЕНИ