Додека работниците во некои европски земји работат со скратено работно време, а најави за пилот-проекти за намалување на работната недела има и од други развиени земји во светот, кај нас сè уште преовладуваат поделени мислења. Експертите препорачуваат воведување четиридневна работна недела за благосостојба на работниците и за одржување на нивните ментално и физичко здравје. Од ССМ сметаат дека скратената работна недела ќе биде пожелна кај работниците, бидејќи истражувањата направени во повеќе држави покажале дека тоа многу добро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста кај нив, а со самото тоа и врз добивката на работодавците. Бизнисмените, пак, порачуваат дека не се подготвени за таков чекор, поради сè уште ниското ниво на продуктивност
Додека работниците во некои европски земји работат со скратено работно време, а најави за пилот-проекти за намалување на работната недела има и од други развиени земји во светот, кај нас сè уште преовладуваат поделени мислења. Додека експертите препорачуваат воведување четиридневна работна недела за благосостојба на работниците и за одржување на нивните ментално и физичко здравје, бизнисмените порачуваат дека не се подготвени за таков чекор, поради сè уште ниското ниво на продуктивност.
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска, во анализата на МИА, вели дека луѓето ѝ посветуваат најголем дел од работоспособните години во животот на работата и дека им останува малку време за семеен живот, за воспитување и сакање на децата, за грижа за сопствените ментално и физичко здравје.
– Четиридневната работна недела ќе биде голем удар врз економијата, особено во посиромашните, недоволно развиени земји, но ќе им донесе големи можности на луѓето за уживање во сопствените животи. Ако веќе имаме толку општо познати акти за човековите права, би требало и да ги почитуваме. Но, секогаш, за жал, победуваат политичките и економските интереси над интересите на луѓето. Како психолог, препорачувам да се воведе четиричасовна недела за благосостојба на работниците, за одржување на нивните ментално и физичко здравје и за здравјето на нивните семејства – нагласува Јовановска-Стојановска.
Од ССМ сметаат дека скратената работна недела ќе биде пожелна кај работниците, бидејќи истражувањата направени во повеќе држави покажале дека тоа многу добро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста кај нив, а со самото тоа и врз добивката на работодавците.
Пред една година, кај нас беа направени измени во Законот за работни односи, со што беше воведена можноста за работа над 60 часа во текот на работната недела, за работа на стратешки проекти. Од ССМ велат дека „како земја аспирант за членство во ЕУ, треба да се залагаме за намалување на работната недела на седум работни часа дневно или на четири работни дена во неделата, а не да се враќаме назад во историјата и да воведуваме експлоатација на работниците и работа во просек по 12 часа“.
– Продуктивноста на работниците е поврзана со условите за работа, примената на современи средства за работа, техники и технологии, здравите и безбедни работни услови, соодветната плата, почитувањето на принципите на пристојна работа, правото на одмор и грижа за семејството. Само така работниците може да ѝ бидат посветени на работата и лојални на работодавците. Во спротивно, сведоци сме на сè помасовен одлив на работна сила од земјава – нагласуваат од ССМ.
Од бизнис-секторот во земјава сметаат дека е рано да се скрати работната недела кај нас.
– За да воведете четиридневна работна недела, мора да ја доведете ефикасноста на врвно ниво за да го прескокнете петтиот ден без притоа да имате какви било последици во остварувањето на резултатите. Со ваква ниска продуктивност како во Македонија, со воведувањето четиридневна работна недела ќе се случи катастрофа – вели претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.