По два часа тимот на Општата Болница со проширена надлежност во Гевгелија, предводен од доктор Борислав Калковалиев, направи успешна операција на трауматизирана потколеница и скочен зглоб. Станува збор за хируршки зафат што за првпат се изведе во гевгелиската болница. Досега за вакви оперативни зафати пациентите се упатуваа во Скопје
Општата Болница со проширена надлежност во Гевгелија, опслужува регион од речиси 40.000 жители, а во рамките на дејноста, во болницата се спроведува специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита.
Деновиве, за првпат од нејзиното постоење, во оваа здравствена установа беше извршена операција на скршеница. Тоа беше повод да разговараме со д-р Борислав Калковалиев, ортопед во оваа здравствена установа.
*Докторе Калковалиев, неодамна во Општата болница Гевгелија за првпат направивте операција на трауматизирана потколеница и скочен зглоб. За каква повреда се работеше и како оперативно ја решивте?
– Станува збор за скршеница на обете коски од потколеницата, во нивните долни краеви, со деловите што учествуваат во формирање на скочниот зглоб. Ваквиот тип на повреди, вообичаено се решава оперативно, со отворено местење на фрактурните фрагменти и реставрација на зглобот, односно направена е отворена репозиција и остеосинтеза, во случајот со плочка и шрафови.
*Во што е специфичноста на ваквиот оперативен зафат?
– Самиот зафат се базира на принципите на остеосинтеза и самиот по себе можеби и не претставува голем предизвик за оние кои се бават со ортопедско- трауматолошка хирургија, но за нас е од големо значење бидејќи е прв од ваков тип во нашата установа, од нејзиното постоење до денес. Воведувањето на нова процедура, или целосно различен тип на хирургија од она што досега се работи на нашето одделение, подразбираше повеќемесечна подготовка и планирање, доедукација на дел од персоналот од оперативен блок и секако, една целокупна поддршка и ангажман на сите засегнати, пред сè, од Одделението за Хирургија при Општата Болница со проширена дејност Гевгелија. Во оваа пригода, сакам јавно да им се заблагодарам на сите.
*Дали имплантираните плочки и шрафови остануваат во зглобот или се вадат по извесно време?
– По добивање на радиолошки знаци за зараснување на повредената коска, индикациите за вадење на остеосинтетскиот материјал, подразбираат континуирана болка, намалена функционалност, или појава на подоцнежни компликации од интервенција. Во нивно отсуство, станува збор за биокомпатибилни материјали чие присуство во телото не претставува никаква пречка за секојдневно функционирање.
*Колку траеше самата операција и покрај Вас кој ја сочинуваше екипата за овој оперативен зафат?
– Интервенцијата траеше околу два часа, а тимот во оперативната сала го сочинуваа покрај мене уште и специјалист д-р Стефанија Стојанова, специјалист анестезиолог Ѓорѓе Шутаров, инструментарка Даниела Дунимаглоска, радиолошки техничар Ѓорѓе Ников и болничар Зоран Попов.
*До сега за вакви оперативни зафати пациентите се упатуваа во Скопје. Дали отсега па натаму ќе се продолжи со вакви зафати, и што е уште поважно дали травматските повреди на коските во сообраќајки, на пример, ќе може да се третираат во Општата болница Гевгелија?
– Секако дека трауматолошките пациенти се едно горливо прашање за целокупниот регион и секојдневен проблем, како за пациентите, така и за нас, во смисла баш на тоа што го кажавте – нивното препраќање за натамошен третман во друга установа, најчесто во Скопје. Тоа подразбира нивна претходна најава, ангажирање на персонал за придружба при транспорт кој што и онака, секаде, но и кај нас е дефицитарен. Не ретко, заради преоптовареност, болниците каде што се оперираат овие повреди немаат слободни места, а често и материјали за соодветна интервенција, па целата приказна се претвора во една бескрајна голгота.
Апсолутно не планираме да застанеме на една интервенција,туку, напротив, амбициите и ентузијазмот ни се големи. Особено долгорочно, кога и колегата д-р Кузман Стефановски, кој е моментално на специјализација по ортопедија, трајно ќе се приклучи на тимот. Заедно со колегите од Одделението за хирургија, под чија закрила и сега функционираме, мислам дека ќе можеме на едно уште повисоко ниво да одговориме на предизвикот околу сообраќајниот трауматизам. Заради географската поставеност на болницата, за жал, имаме голем број на ваков тип пациенти кои првично се згрижуваат во нашата установа. Сепак сме мала болница, потешко повредените веројатно ќе имаат потреба од лекување на повисоко ниво, но и тоа како ќе има места, за да се надградиме во делот на таканаречената „damage control” хирургија, која често, за овие пациенти живот значи.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ