За првпат по војната спиев цврсто, затоа што се чувствував безбедно, изјави вчера за Би-би-си жител на Газа.
По 15 месеци воени дејствија кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас почна во неделата околу пладне со првата размена на затвореници. Деведесет палестински затвореници, повеќето жени и тинејџери, беа ослободени во текот на ноќта како дел од првата фаза од прекинот на огнот, соопшти израелската затворска служба. Претходно Хамас ослободи три жени кои минатата ноќ со хеликоптер заедно со нивните мајки се пренесени во болница во Тел Авив и се во стабилна состојба.
На двете страни имаше емотивни обединувања. Палестинците беа пречекани со прегратки и овации од нивните семејства. Ослободената заложничка Емили Дамари го сподели трогателниот момент кога имаше видео повик со своето семејство.
Радоста на ослободените Палестинци за прекинот на огнот избледе кога се вратија во своите уништени домови. Меѓу Палестинците сè уште владее неизвесност за тоа што претстои.
Според договорот што го ратификуваа Израел и Хамас, првата фаза од прекинот на огнот што ќе трае 42 дена, би требало да резултира со враќање во Израел на вкупно 33 заложници од Газа и ослободување на стотина палестински затвореници и притвореници. Израелските сили би требало да се повлечат во тампон зона во Газа, а многу раселени Палестинци би требало да се можат да се вратат во своите домови.