За прв пат, за минималец одлучува Владата без работниците

606

За прв пат од кога е воведена за висината на минималната плата се одлучува без работниците, изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани – УПОЗ, Трпе Деаноски. Ваквата одлука на Владата, како што рече е донесена без договор на Економско-социјалниот совет меѓу работниците и работодавачите. Минималната плата за 2025 година, како што беше одлучена на последната седница на Владата ќе се зголеми за 2.685 денари во бруто-износ, односно за 1.812 денари во нето-износ. Од Владата велат дека оваа сума била утврдена со примена на законските критериуми.

-Незадоволни сме од оваа одлука. Ние не отстапуваме од нашите барања. Небулозни се изјавите на Владата дека ќе дозволат работодавачите и синдикатите сами да се договорат, а потоа они да ја покачат минималната плата. Сакам да ја потсетам Владата дека таа е најголем работодавач и вработува 129 илјади работници во јавен сектор, од кои 25 илјади директно зависат од усогласувањето на минималната плата. Ова не е покачување на плата, ова е само усогласување кое треба да го добијат сите работници во државата со пораст на животните трошоци и на просечната плата, изјави Деаноски.

Тој додаде дека Владата сама си донела одлука за зголемување на платата, бидејќи Сојузот на синдикати на Македонија не е репрезентативен и не може да учествува на седница на Економско-социјалниот совет.

– В петок има закажано седница на Комисијата за репрезентативност, но исто така в петок има седница на претседателството на ССМ за кое ќе се одлучува за понатамошните чекори. Не сме задоволни. УПОЗ е дел од ССМ и секогаш излегува со ССМ. Знаете и сами дека како синдикати протестиравме и сами пред неколку месеци барајќи додатоци на плата. Ќе видите дека еден од ретките синдикати којшто штрајкува и протестира е Синдикатот на УПОЗ, рече Деаноски.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците, заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договорат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање.

Ова го потврди и заменик-министерот за економија, Маријан Ристески, кој рече дека минималната плата била утврдена со примена на законските критериуми. Тој рече дека долго време ќе требало да се чека додека да се утврди репрезентативност на ССМ. И тој повтори дека Владата ќе прифати повисока минимална плата ако за тоа се договорат работодавачите и синдикатите.

Синдикатите пoбараа минималната плата од 500 евра, а придонесите на разликата од висината на моменталната минималната плата до 30.000 денари, односно за зголемувањето од 6.000 денари да ги субвенционира државата.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ