По повод Меѓународниот ден на старите лица, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска ја посети Донка Подунавац, пензионерка од населбата Пролет. Таа воедно е и корисничка на проектот на Општина Центар, „Нега на стари лица во домашни услови“.
Герасимовски и го врачил новото решение и поразговарале со неа околу проектот и во кој дел истиот би можел да се надгради.
Проектот опфаќа 90 корисници, а во моментов услугата ја користат 69 лица кои бесплатно во своите домови ги користат услугите од негувател или физиотерапевт и социјален работник.
Како што наведе Герасимовски, заинтересираните жители кои сакаат да станат корисници на проектот не мора лично да доаѓаат во општината за да ги достават документите туку може општинска екипа да ги посети во домовите, да ги земе документите и пријави во име на жителите.
Корисници на проектот може да бидат жители на Општина Центар кои се корисници на пензија или на социјална помош и кои немаат повисоки примања од 35. 000 денари месечно. Притоа, корисник на ова право може да биде само еден член на семејството освен ако се приложи извештај специјална медицинска состојба за која е потребно вклучување на посебна нега и третман за второ лице. Општина Центар напоменува дека корисник на овој проект не може да биде лице кое користи нега во домашни услови од друг субјект давател на иста услуга како Црвен Крст на Република Северна Македонија или друг субјект.
Заинтересираните граѓани подетални информации за проектот може да прочитаат на веб страницата на Општина Центар. Заинтересираните може да се пријават и да ги достават потребните документи.