Случај на продажба на бебе открија инспекторите од Единицата за спречување трговија со луѓе, во Куманово. Во мрежата на трговија со новороденчето учествувале четворица од Скопје и родилката од Куманово, а од МВР за весникот ВЕЧЕР велат дека станува збор за многу суптилен случај и дека се истражува дали организираната група тргувала и други бебиња. Имено, договорот со тогаш бремената жена на возраст од 41 година се случил минатата година. Четворицата уапсени од Скопје, искористувајќи го социјалниот статус, ѝ ги плаќале прегледите на жената кај гинеколог и ѝ давале пари во висина од 250 до 270 евра за, како што ѝ рекле, да го посвојат нејзиното новородено бебе.
– На 18.2.2025, откако родила женско бебе, со нотарска изјава му дала старателство на А. М., дека доброволно го остава бебето на чување, воспитување и издржување, за што ѝ била исплатена сума од 4.000 евра. Од судија на претходна постапка, на А. М. и на М. М. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на А. М., Ф. А. и на Ѓ. К. им е одредена мерка домашен притвор – пишува во соопштението на МВР за случајот со трговија на бебе.
Од полицијата не откриваат детали дали во заднина, можеби, станува збор за случај на трговија со деца, сличен на оној што беше откриен неодамна, во Босна, кога во куќа во Брчко беа пронајдени триесетина деца, меѓу кои и бебиња.
За истиот случај, само со поинаква квалификација, полицијата објави на 24. минатиот месец, кога бил приведен брачен пар од Арачиново откако 41-годишна кумановка го пријавила дека не сака да ѝ го врати новороденчето, кое му го дала на привремено чување. Пред околу четири месеци, додека била бремена, се запознала со сопружниците, кои ѝ понудиле финансиска помош откако ќе се породи. Тогаш полицијата објави:
– На 23.2.2025 во 19:30 часот, во СВР Куманово, М. М. (41) од Куманово пријавила дека А. М. (39) и неговата сопруга, А. М.(35) од с. Арачиново, Скопско, не ѝ го даваат нејзиното новороденче. Таа се породила на 18.2.2025, а два дена подоцна излегла од болница и била пречекана од А. М. и А. М., кои ѝ предложиле да потпише изјава кај нотар за да може бебето да остане кај нив, неколку дена – додаваат од полицијата.
Според пријавата, на 21.2.2025 таа го оставила бебето во нивниот дом, а мажот ѝ дал пари, а на 23.2.2025, кога побарала да си го земе, тој не ѝ го дал со образложение дека ќе остане кај нив.
– На 24.2.2025 околу 1:40 часот, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода сопружниците – објавија тогаш од кумановската полиција, а во последната објава од МВР случајот доби нов тек, го работат од Единицата за спречување шверцување мигранти и трговија со луѓе, при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за спречување организиран и сериозен криминал. (П. А.)