
Секундарните ефекти од американските царини врз македонската економија ќе бидат многу поголеми од директните, покажуваат досегашните анализи на нашата Влада. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека одлуката на САД за воведување висока царинска стапка од 33 отсто за увоз на македонски производи и услуги е резултат на „некаква грешка“. Во нашата трговска размена со САД во 2024 година, Македонија е во негатива, односно има остварено дефицит, а државите кои имале дефицит практично немаат ваков вид на зголемување на давачките.
-Ние работиме со нашите партнери САД и очекувам многу скоро да се коригира ова кое што очигледно е резултат на некаква грешка или на погрешни информации. Сега се споредуваат податоците. Во контакт сме и со Амбасадата и со Министерството за економија и со Кабинетот на претседателот Трамп, а тоа беше дел од разговорите што ги имаа во Брисел на кратко министерот Муцунски и државниот секретар Рубио. Така што, во периодот очекувам да се излезе од оваа состојба, истакна премиерот Мицкоски.
Во однос на забелешката дека формулата за царините и за дефицитот наликува на она на српскиот претседател Александар Вучиќ, Мицкоски, одговори дека не ги следи изјавите на претседателот на Србија. Тој рече дека ги штити само македонските интереси.
Пред два дена Мицкоски изјави дека очекува „добри вести“ од САД, но вчера рече дека добрите вести сè уште не стигнале од САД. На прашањето што точно во моментот се преговара со САД и кога очекува повратен одговор, Мицкоски рече дека процесот е сензитивен.
-Не би откривал ништо во јавноста додека не се заврши договорот. Затоа што пристапот е таков, додека сè не се заврши, немаме ништо. Кога сè ќе се заврши, тогаш ќе излеземе во јавноста со детални информации, рече премиерот.
Освен Македонија повеќе од 50 земји се обратиле до Белата куќа за да започнат трговски разговори откако Трамп ги објави царините, изјави директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет.
Кинеската Влада смета дека економското малтретирање од САД ќе има контра ефект
Кинеската влада остро го осудува и решително се спротивставува на ваквиот потег на американскиот претседател Доналд Трамп. Американските царини сериозно ги нарушуваат легитимните права и интереси на сите земји, ги кршат правилата на Светската трговска организација (СТО), го поткопуваат мултилатералниот трговски систем и го нарушуваат глобалниот економски поредок, сметаат од Владата.
Оттаму додаваат дека ова е типичен чин на унилатерализам, протекционизам и економско малтретирање. Под превезот на „реципроцитет“ и „праведност“, САД се обидува да ги искористи тарифите за да го сруши постојниот меѓународен економски и трговски поредок, да ги стави интересите на САД над општото добро на меѓународната заедница. Поради тоа, неизбежно ќе се соочи со широко распространето противење од меѓународната заедница.
-САД треба да престанат да ги користат тарифите како оружје за економско потиснување на Кина и да престанат да ги поткопуваат легитимните развојни права на кинескиот народ. Како втора по големина економија и втор по големина пазар на стоки за широка потрошувачка, Кина е посветена на отворање уште пошироко кон светот, без разлика како се менува меѓународната ситуација. Ќе спроведеме политики со високи стандарди за либерализација и олеснување на трговијата и инвестициите, соопштуваат од кинеската Влада.
Оттаму додаваат дека економската глобализација е единствениот пат за човековиот напредок. Отвореноста и соработката се историски тренд. Светот нема, и не треба, да се врати во меѓусебна изолација или фрагментација. Економското малтретирање кое ги префрла ризиците на други на крајот ќе има контраефект.
-Меѓународните прашања треба да се решаваат преку консултации, а за иднината на светот треба да одлучуваат сите земји. Нема победници во трговските или тарифните војни. Протекционизмот е ќор-сокак. Сите земји треба да ги почитуваат принципите на заеднички придонес и заедничка корист. Тие треба да заеднички да се спротивстават на сите форми на унилатерализам и протекционизам и да го бранат меѓународниот систем во центарот на ОН и мултилатералниот трговски систем во центарот на СТО. Уверени сме дека огромното мнозинство земји, ќе застанат на вистинската страна на историјата и ќе дејствуваат во нивните најдобри интереси. Светот мора да ја прифати правичноста и да го отфрли хегемонизмот, сметаат од кинеската Влада.
Претходно и од Министерството за надворешни работи на Кина реагираа дека царините на САД се економска „злоупотреба“ и се на штета на другите држави.
(А.С.)