Вкупно 530 прекршоци, од кои 493 според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и 37 според Законот за возила, меѓу кои 238 за возење со брзина поголема од пропишаната, биле констатирани во неделата, во извршените 1.195 контроли во сообраќајот на подрачјето на Град Скопје.
– Биле преземени и 43 мерки за возење без возачка дозвола и 51 санкции за некористење сигурносен појас. За непрописното паркирање биле преземени мерки против 69-мина возачи, 10-мина возачи управувале возило под дејство на алкохол, биле регистрирани четири случаи на минување на црвено светло, на седуммина возачи им биле изречени прекршочни санкции за користење мобилен телефон, а во пет случаи биле преземени мерки против пешаци – информира Министерството за внатрешни работи.
Во однос на Законот за возила, се вели во соопштението, биле евидентирани девет нерегистирани возила, како и 12 технички неисправни возила.
Што се однесува до казнувањето на возачите за непочитување на сообраќајот, минатиот месец на територијата на целата држава биле поднесени над 14.000 сообраќајни прекршоци. Во главниот гард за изминатиот месец биле поднесени над 3.600 прекршоци од кои 450 биле поради возење без возачка дозвола, 270 биле поради возење со брзина над дозволената и 15 биле поради користење на мобилен телефон во текот на возењето. А додека пак минатата година бројот на жртвите при сообраќајните несреќи изнесувал 142.
Од МВР најавуваат дека ќе продолжат засилените сообраќајни контроли и во наредните денови, на целата територија на државата и апелираат до сите учесници во сообраќајот за максимално почитување на сообраќајните правила и прописи за на тој начин, како што велат, сите заедно да придонесеме за посигурни патишта.